Дац: МИА секогаш да биде во функција на вистината

од desk4
85 прегледи

  Познатиот македонски театарски, филмски и телевизиски глумец Драган Спасов-Дац во кратко интервју по повод 20-годишнината од постоењето на МИА се осврна на досегашната соработка со Агенцијата и ја нагласи потребата од медиумска објективност, етичност и моралност.

Веќе 20 години МИА како професионален јавен информативен сервис, меѓу другото,  се занимава и со теми од приватниот и од професионалниот живот на јавните личности. Колку Ви импонира соработката со државна новинска агенција, имајќи предвид дека ваквите теми обично се дел од забавни списанија, таблоиди, телевизиски емисии или специјализирани медиуми?

– Секој од нас има повеќе „лица“.  Едно е лично, интимно  (семејно), едно професионално, видливо за пошироката публика, а имајќи ја предвид максимата дека „доколку вие не се занимавате со политиката, политиката ќе се занимава со вас“, сметам дека сите јавни личности имаат општествена обврска, секој на свој начин и во согласност со своите политички убедувања, да учествуваат во јавниот живот на нашата земја. Оттаму е и моето задоволство од соработката со МИА, кое трае од нејзиниот почеток досега.

Имате ли некоја сугестија што МИА би можела да ја прифати во иднина за проширување на своите содржини, со цел поблиска соработка со истакнати личности од областа на музиката, спортот, филмот, театарот…?

– МИА треба да биде присутна (без исклучок) на сите важни спортски, културолошки и други настани.  Моите сугестии до МИА се да биде секогаш во функција на вистината, бидејќи во минатото (а тоа не престанува со денешен ден) нашиот народ беше и е изложен на паравести, полуинформации, дезинформации, а на тој начин се обликува неговата општествена свест. Не е важно која рубрика или област МИА ќе развива и со кого, сѐ додека се држи до вистината. Соработката со јавни личности секогаш претставува предизвик, како за МИА така и за соговорникот, и така ќе биде и во иднина, сѐ додека МИА го чува својот професионален, етички и морален кредибилитет. Сѐ преостанато е помалку важно.

Колку за Вас е важна соработката со медиумите за текот на кариерата? Дали сметате дека медиумското експонирање е речиси исто толку важно колку и талентот за остварување на професионалната цел?

– За мене, соработката со медиумите секогаш била позитивен предизвик; не секој граѓанин се разбира во квалитет на сценарио, режија или тајните на театарската уметност, но секогаш сум се трудел врвната уметност да му ја доближам на нашиот граѓанин, се разбира, во соработка со медиумите. Имајќи предвид дека театарската професија е јавна и е изложена на разни критики, улогата на медиумите е да ги пренесат тие информации и ставови онакви какви што се до пошироката јавност. Во крајна линија, јавноста е таа што ја „преработува“ и дава суд за информацијата што ќе ѝ се пласира.
Што се однесува до медиумското експонирање наспроти талентот и присутноста по секоја цена во јавноста, сметам дека талентот и напорната работа, посветеноста и искрената љубов кон професијата се појаки од потребата за појавување во медиумите; нашата професија е јавна и секој љубопитник може да ги добие одговорите на своите прашања само доколку дојде на претстава. Денес во медиумите доминираат теми од три минути, консумеристички, како носач на авиони за реклами што следуваат.
Со напливот на парамедиуми од секаков вид, прашање е колку навистина е корисна медиумската присутност наспроти релевантноста на медиумите во нашата земја.

Со каква порака би ѝ го честитале 20-годишниот јубилеј на МИА?

– На МИА по повод 20-годишнината од работата би ѝ посакал долговечност, која мора да се заслужи со објективност, етичност и со моралност. Сѐ друго би било попусто трошење време, пари и други ресурси.
Сѐ додека сте на страната на обичниот граѓанин, тоа ќе биде вистинската причина за вашето постоење и развој.

Габриела Точко