Давитковски: Политизација пред квалификација, продолжува неприфатливата пракса за назначување на директори на јавни установи

од Nikola Popovski
665 прегледи

Спротивно на законот, но и продолжување на стара, неприфатлива пракса. Вака накусо професорот Борче Давитковски го оценува актуелниот начин на назначување нови директори на државните и јавни институции во држава. Во основа на неговите забелешки е констатацијата дека политизацијата и натаму е главен фактор пред квалификацијата на човекот кој треба да раководи со институцијата.

-Не гледам некоја вистинска политичка волја за да се направи реформа. Ова е чиста шминка.За ЈП и установи, за Управи и претпријатија во државна соспственост има закони и согласно тие закони директорот или го именува Владата или НО го бира директорот. Значи, се останува исто. Како Влада, ќе постават свои луѓе и ќе продолжи праксата да нема принцип на мерит систем , да нема стручност и компетентност туку лепачите на плакати ќе се унапредат на трето, пето ниво. Дегутантно е веќе и нема основ што да се коментира. Очекувате нешто ново, а се што се вети, ништо не се исполнува, остро коментира Давитковски за „Локално“.

Останува на ставот дека се спротивни на законот и на уставот и најавените измени на Законот за локална самоуправа, со кои се планира да нема избори о општините во кои градоначалниците преминале на други функции, а веќе истуркале повеќе од половина од мандатот. Оттука според него, од круцијална важност е актуелната владеачка структура да спроведе регуларни избори за општините во кои градоначалници направија трансфер во извршната власт.

-Правото на локалната самоуправа, на локалното организирање е право на граѓаните а не на политичките партии. Тоа тие сакаат да го супституираат и да го претстават како свое право да не се правеле трошоци и да не се малтретираат граѓаните, но се е трошок, демократијата чини пари. Шест месеци пред да му истече мандатот, може да се стави ВД , а тие сакаат на пола мандат да стават некој советник да стане ВД градоначалник а народот му дал поддршка на тој градоначалник. Тука има и ретроактивно дејство што го дозволува Уставот но за кого е поповолно? за политичката партија или за граѓаните? Ако се даде 2 години мандат , пак ќе е во интерес на политичката партија и Уставниот суд по два основа треба да го укине, објаснува Давитковски.

Коментирајќи го зголемувањето на бројот на министерства, Давитковски посочува дека целиот процес е направен на како што вели “ шнајдерски начин’’ во кој наместо 16 отсега ќе имаме 20 министерства . Нелогично според него е и поставувањето на потпретседатели врз основа на џентлменски договор. Не може заради добра волја да се крши Закон, вели тој.

-Во МНР како чисто политичко министерство и дипломатија, ставате надворешна трговија или бизнис. Во министерството за култура го лепите туризмот. Во теоријата имаме принципи врз основа на кои се прави реорганизација. На ваков начин не се почитува ниту теорија ниту законитости. Се е математика, има формула и ако таа не се почитува ништо не се добива. Не гледам дека ќе се обезбеди некоја функционалност со овие 20 министерства, со 4-5 потпредседатели на Влада. Нема во свет ваков случај, наместо еден потпредседател да има 3 или 4. Првиот потпредседател на Влада знаат дека е незаконит врз основа на Деловник но заради “џентлменски односи и добра волја” ќе остават да биде Албанец прв потпретседател. Во политиката нема добра волја, мора да се работи согласно законски прописи, не може за добра волја или џентлменски односи да се крши Закон, потенцира Давитковски.

Коментирајки ги анализите на државниот ревизор според кого годишно од земјава заминуваат 2500 луѓе вискообразуван кадар, професорот Давитковски посочува дека тоа уште значи дека со нивното иселување губиме по најмалку 800.000 евра потрошени за нивно школување.

-Гледам моиве поранешни студенти заминаа во цела Западна Европа, правници, магистри, доктори на науки, сите отидоа и можат веднаш да се вработат. Кога одат општествените науки а се знае дека правото е регулирана професија, врзана за одредена земја, кога тие заминуваат што останува за информатичарите, медицинари, физичари, електроничари, земјоделци кои во било која земја можат веднаш да почнат со работа. Ние сме расадник, школуваме кадри, иаме еден куп универзитети. Студентите од УКИМ се тие што одат на запад и за жал не се враќаат. Тоа е нашата судбина и полека ќе станеме земја на пензионери, вели Давитковски.

Оттука, саркастично забележува дека единствено ни преостанува да се формира Министерство за геријатрија наместо Министерство за спорт за да се покаже грижа за над 340 000 пензионери кои преживуваат со месечните пензии. Во овој контекст посочува и низа други нелогичности меѓу кои ја издвојува одлуката на Владата за линеарно зголемување на сите пензии наспроти законскиот пропис за нивно усогласување.

-Во услови на непринципиелност каде ни еден пензионер и вработен не знае која ќе му биде судбината, која и да дојде Влада си игра со нивната судбина. Јас со 43 год стаж мислев дека одам во пензија под едни услови а сега испаѓа по систем на еднакви стомаци и пропорционален раст на пензиите. А зошто ми се одлевале толку пари од доходот наспроти некој со 15 год стаж.? Фондот за ПИОМ е економска категорија каде се знаат условите, и со зголемување на инфлација, на животниот стандард и цените, се влијае на пензиите а не со паушал, порачува професорот.

Оттука, Давитковски алармира дека ваквиот начин на како што вели „додворување“ на возрасната популација ќе се руинира Фондот за ПИОМ и положбата на над 340 000 пензионери.

Слични содржини