Дебата: Договорот од Преспа можност за затворање безбедносен проблем од регионално значење

од desk2

Заштита на македонскиот идентитет, влез на Македонија во НАТО и следствено на тоа зголемување на безбедноста во рамки на Алијансата и нејзиниот принцип на колективна одбрана, зајакнување на сувереноста, гаранција за територијалниот интегритет, почнување преговори со Европската унија, зголемување на инвестициите во земјава се дел од придобивките кои Македонија ќе ги има со Договорот со Грција и перспективите што со него се отвораат, заклучија дел од учесниците на денешната дебата „Република Македонија пред нова историска одлука“ во организација на Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународните односи.

За правно-политичките аспекти на Спогодбата од Преспа, за Договорот и претстојниот референдум, импликациите на договореното врз меѓународната положба и безбедноста на Република Македонија, како и за спогодбата како услов за членство во НАТО говореа денеска учесниците на дебатата.

За некои од нив, пак, Договорот не е само договор за решавање на разликите со името, туку станува збор за проширена и надградена спогодба за решавање на различните сфаќања во однос на кој, покрај самопреименувањето или укинување на соопственото име, се предвидува и редефинирање на внатрешниот поредок.

Благоја Марковски од Балкански форум за безбедност потенцирајќи дека целиот процес од преговорите, постигнување на Договорот, се до распишување на референдумот, предизвикал поделба во македонската јавност, која се манифестира и меѓу политичките субјекти и во самиот државен врв, рече дека во овој момент речиси никој не знае како ќе изгледа продолжението на процесот, што е условен од резултатите од претстојниот референдум.

– Дали поуспешно ќе се справуваме со корупцијата и криминалот низ овие евроинтегративни процеси или со нивно отфрлање. Кој ќе ја преземе одговорноста ако никогаш повеќе како земја не ја добиеме ваквата можност, ако се засили влијанието на Русија и на авторитарните сили во земјата, ако се влошат меѓуетничките односи и ако одново влеземе во вртологот на промена на границите и размена на територии и население, истакна тој пред присутните.

Професорот Темелко Ристески од БСФ истакна дека забелешката на опозицијата дека со Договорот се менува идентитетот не е основана.

– Идентитетот на нештата во природата и општеството го утврдува нивната материјална суштина, нивното битие, нивните основни карактеристики, идентитетот на државите го утврдува нивниот географски простор, земјиштето, релјефот, идентитетот на народите се утврдува со нивниот јазик, обичаи, култура, идентитетот на физичките лица врз основа на нивниот изглед, карактер. Сега ќе имаме прецизно име, кое ќе одговара на нашата географска положба, на северниот дел, кој е една третина од македонскиот географски простор и кој за жал остана единстено надвор од ЕУ, вели Ристески.

Според него со Договорот не се брише државно-правниот континуитет на државата. Напомена дека во член три се вели дека страните ја потврдувата нивната постоечка меѓусебна граница, како трајна и неповредлива меѓународна граница, ниту една нема да има територијални претензии кон другата, ќе ги почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и политичката независност.

За професорот Јове Кекеновски Договорот од Преспа не ги решава само разликите со името, туку станува збор за надградена спогодба за решавање на различните сфаќања во однос на македонската историја, македонската култура и образование, па дури и за слободите и правата на граѓаните.

– Покрај самопреименувањето или укинувањето на сопственото име предвидува и редефинирање на нашиот внатрешен поредок и досегашните административни практики, од причина што решенијата понудени длабоко задираат во политичкиот и уставниот систем на РМ, преку барањето за промена на Уставот, вели тој.

Нагласи дека ќе има промена на називите на сите државни институции, ќе се менува начинот на ословување при меѓусебната комуникација.

– Тука се постапките за ревизија на учебниците, мапите, историските атласи, наставните упатства, преиспитување на статусот на спомениците и јавната инфраструктура, промена на банкноти, монети, регистарски таблички, лични документи, сведителства, дипломи, додаде Кекеновски и нагласи оти смета дека со Договорот се атакува повеќедецинискиот македонски државен континуитет.

Зоран Тодоров од Дипломатскиот клуб напомена дека потпишана спогодба е факт и во правна и во политичка смисла, кој треба да биде потвреден од граѓаните директно на референдум и посредно преку нивните претставници во Собранието.

– Потребно е по 27 години самостојност да се навикнеме на обврската, која секој во меѓународното право треба да ја има и да ја преземе во меѓународните односи, рече тој, нагласувајќи дека Спогодбата има цел да го затвори спорното прашање и консеквентно нуди затворање на безбедносен проблем од регионално значење.

Поранешниот началник на ГШ на АРМ, генералот во пензија Мирослав Стојановски говореше за Спогодбата од аспект како услов за членство во НАТО, напоменувајќи дека Алијансата почива врз мултулатерализам, неделивост на безбедноста и солидарност и кохезија. Се ова што важи за НАТО ќе важи за РМ, додава тој, кога ќе стане полноправна членка на Алијансата.

Напомена дека во членот пет од Вашингтонскиот договор нападот на една од членките на НАТО е напад на сите членки и појасни дека тоа е обврската за колективна одбрана, која се очекува во кој било случај на агресија.

Солидарноста, додаде подразбира распределба на заедничките трошоци, а кохезијата се однесува на косензусот, односно носењето одлуки во Алијансата.

– Република Македонија од осамостојувањето до денес е земја од редот на мали држави, географски се наоѓа на многу значајно место, но без поголемо влијание во меѓународните односи. Од осамостојувањето е увозник на безбедност, а од  2002 година и извозник на безбедност со учество на припадници на АРМ во мисии. Таа е стабилна, но со одредни внатрешни проблеми, кои во комбинација со надворешни фактори можат да ја загрозат стабилноста, нагласи Стојановски и додаде дека членството во НАТО ќе ја зацврсти сувереноста на државата, која ќе седне на иста маса со другите 29 членки.

Додаде дека со влезот во НАТО, Македонија станува членка на сојуз на слободни демократии, со сите политички воени и дипломатски предности.

Истакна дека тоа нема да се постигне веднаш, „ќе треба време да се научиме тука во РМ на почитување на одредени вредности за да можеме да функционираме заедно со членките на НАТО“.

Слични содржини