Дебата: Како до посилни капацитети во услови на мигрантска криза

од desk2

Заканите од тероризам, борбата со прекуграничниот криминал, илегалната миграција, и новите појави на криминал, се дел од искушенијата со кои се соочува Македонија и останатите држави од балканската бегалска рута, на која според проценките на експертите минаа околу еден милион бегалци.

Споделување на искуствата стекнати во справувањето со мигрантите е една од целите на тркалезната маса „Јакнење на капацитетите и ресурсите во услови на мигрантска криза на Западен Балкан“ што се одржа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, на отворањето рече дека чувството на безбедност кај граѓаните е еден од основните предуслови за изградба на просперитетно општество, а безбедноста на една земја најдобро се огледува преку безбедноста на нејзините државни граници.

– Македонија се наоѓа на меѓународните рути за недозволена трговија со наркотици, за троговија со луѓе, но за жал од неодамна и со рутата по која илегалните имигранти од Јужнa Азија и Африка се движат кон земјите од Западна Европа. Македонија ги стави на располагање своите капацитети со цел да се справи со мигрантската криза, посочи тој.

Деканот на филозофскиот факултет при УКИМ Ратко Дуев рече дека целта на денешната тркалезна маса е подигање на свеста во јавноста околу можните проблеми кои што може да се случат и во иднина и претставува подготовка за летна школа, што од 11 до 18 јуни ќе се организира во Македонија.

– Повеќе има едукативен карактер. Предвидени се пет дена во Скопје за теоретски дел со предавачи од универзитети од регионот и два дена практична настава. Теренска настава каде што студентите и сите заинтересирани за доусовршување ќе можат да стекнат вештини како се крева камп, што се случува на терен. Таму ќе предаваат лица кои биле на терен и инволвирани во мигрантската криза. Ќе издадеме сертификати кои ќе носат кредити на сите учесници и ќе им се валоризира, рече Дуев.

Посочи дека летните школи се на иницијатива на Филозофскиот факултет во Скопје, Факултетот за криминалистика и криминиологија во Сараево и Универзитетот во Велика Горица, каде ќе се обучат кадри кои што понатаму ќе бидат подготвени за било какви евентуални предизвици.

Златко Николоски, главен инспектор во Националниот координативен центар за гранично управување, истакна дека околу 800.000 лица минале низ мигрантската рута, од кои 120.000 биле деца. Тој наведе податоци на ИОМ, според кои 3.000 лица ги загубиле животите во мигрантската рута при движење до саканата држава.

Посочи дека иако во 2016 рутата е целосно затворена, секојдневно има обиди за илегален влез. Николоски тврди дека Македонија се соочила како со безбедносен ризик, односно ризик на повратници на радикален тероризам што потекнуваат од регионот, така и со ризик по јавното здравје, бидејќи поголем дел од мигрантите доаѓале од земји каде владее маларија, ебола и морбили.

Слични содржини