Дебата: Одливот на квалитетната работна сила не е само од економски причини

од Vladimir Zorba
112 прегледи

  Задржувањето на квалитетната работна сила е еден од предизвиците за бизнисот, а нејзиното иселување не е само од економски причини, туку и поради корупција, владеење на правото, бирократизација и политизација во општеството, беше истакнато на тркалезната маса „Економските предизвици и ефекти од евроатланските интеграции“, што се одржа денеска во организација на Институтот за стратегија и развој“.

Универзитетскиот  професот Борче Треневски  посочи дека најголемиот дел од истражувањата  покажуваат дека земјите кои се вклучиле во ЕУ и НАТО доколку не го направеле тоа во изминатите 10 – 20 години ќе имале за 10 проценти понизок БДП.

– Со голем број истражувања е потврдено  дека постои корелација меѓу влезот во ЕУ и НАТО поврзано со намалување на корупцијата, зголемување на транспарентноста и подобрување на институциите и на владеење на правото.  Има бизнис клима, отворање  нови пазари, зголемување на извозните можности и внесување технологии, но и определени предизвици поврзани со миграција на квалитената работна сила, се случуваат нови стандарди и регулативи, но има предизвици на кои бизнис секторот мора соодветно да се подготви пред да влезе во оваа евроинтеграциска игра, рече Тренески.

Според него, дел од работната сила со нејзиното заминување и мигрирање прави притисок на пазарите во земјите од каде што излегла, се зголемуваат платите и дознаките од странство, но од друга страна имаме одлив на квалитена работа сила.

-Истражувањата покажуваат и дека квалитената работна сила не се иселува само од економски причини, туку и поради корупција, невладеење на правото, бирократизација и политизација во општеството.  Со влез во ЕУ и НАТО се надеваме дека за дел од овие точки нашата Влада ќе работи многу посилно на ова и со регулација и  подобрување на овие сектори ќе се подобри задржувањето на квалитената работна сила во нашата економија, рече Треневски.

Премиерот Зоран Заев порача дека по крупните политички одлуки за членство во НАТО и за старт на преговори со ЕУ  треба да следат поголеми инвестиции од деловната заедница. Крајна цел, потенцираше, е подобрување на стандардот на граѓаните.

Тој посочи дека податоците за  економски резултати покажуваат дека ги добиваме истите придобивки како и останатите држави кои во изминатите 15  години станаа  членки на НАТО.

– Остваривме странски директни инвестиции од 627,5 милиони евра, што се двојно поголеми од тие во најдобрите години од независноста до денес, индустриски раст од 7,5 проценти, невработеноста се намали на 19 проценти, БДП кој пред 23 месеци беше – 1,8 проценти во последниот квартал лани достигна 3,7 проценти. За првиот квартал од оваа година имаме сериозни индиции да очекуваме раст од над 4 проценти,  наведе Заев.