Дебата „Ветингот како мерка за јакнење на интегритетот на институциите“

од desk4

„Ветингот како мерка за јакнење на интегритетот на институциите“ е тема на шестата сесија на Работната група 4 (Правда, слободи и безбедност – Поглавје 24) од Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) што ќе се одржи денеска во Клубот на пратеници.

Како што информираат организаторите, во насока на обезбедување поголема функционалност и интегритет на институциите во правосудниот и безбедносниот систем перманентно се наметнува потребата од преиспитување на професионалноста и посветеноста на вработените во однос на извршувањето на своите работни улоги.

-Меѓу различните мерки кои се преземаат за остварување на таа цел е ветингот т.e. проверката (скрининг) на лицата кои претендираат да вршат некоја функција (задача) или веќе ја извршуваат. Предизвикот да се дискутира за ветингот на шестата сесија на РГ-4 од НКЕУ-МК произлезе од актуелноста на концептот во последните неколку месеци, од иницијативите за негова примена во институциите, но и многуте дилеми и прашања што примената на овој концепт ги наметнува. Ветингот и неговата примена во безбедносниот сектор има посебно значење поради специфичноста на самата област во која ризиците и последиците се значително поголеми, се наведува во соопштението.

На сесијата е најавено учеството на експерти од НКЕУ-МК и од Словачка, меѓу кои професорот од Универзитет на ЈИЕ Блерим Река и словачката експертка Андреа Јалечова од Националната канцеларија за ветинг во Братислава, која споделувајќи го своето искуство од овој процес, ќе укаже на виталните преговарачки прашања од Поглавјето 24.

Слични содржини