Дечињата возбудени, родителите збунети: Ќе заѕвони ѕвончето и алармот за првиот училишен час

од Берта Китинска
514 прегледи

Училишната година официјално започнува од денеска.Наместо во клупите голем број на ученици ќе ја следат наставата од дома пред компјутерите.

Вчера и официјално завршија пробните вклучувања на новата платформа преку која ќе се одвива наставата.

Голем дел од учениците успешно се приклучија и го остварија првиот виртуелен контакт со наставниците и професорите.

-Им закажав уште еден пробен час на моите ученици, вчера во 19 часот. За почеток и не беше толку тешко. Само три дечиња од моето одделение не успеаа да се приклучат на платформата, се надевам дека тоа брзо ќе го надминеме. Сите дечиња беа возбудени и среќни што повторно си ги слушаа гласовите. Дел од нив на моето прашање како се чувствуваат откако се вклучивме, изразија жалење дека повеќе би сакале да доаѓаат во училиште, вели една одделенска наставничка од скопско училиште.

Таа вели дека во целиот процес посебен предизвик ќе биде да се задржи вниманието на децата и техничкиот дел со вклучувањето на платформата.

„Учителке повеќе сакам да одам во училиште отколку дома да седам пред компјутер“, Наставничке мене веќе ми е познато како треба да се ракува со оваа апликација ќе ни биде лесно“,Јас се чувствувам возбудено бидејќи повторно ги слушам гласовите на моите другарчиња…беа дел од одговорите на дечињата кои вчера имаа пробен час

Во пресрет на почетокот на учебната 2020/2021 година, ресорната министерка Мила Царовска очекува дека најголем дел од учениците и наставниците денес без проблеми ќе може да се приклучат на „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација.

Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со националната платформа која во моменти на напад, како што рече Царовска, не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици.

„Она што ние го направивме за три недели е децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Мене не може да ме прашате зошто не се инвестирало 15 години. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието. Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие“, рече Царовска

Од околу илјада училишни објекти низ целата држава, над половината ќе организираат настава со физичко присуство. Ако родителите се премислат во одлуката и сакаат присуство наместо онлајн или обратно, министерката рече дека од училиштата и градоначалниците зависи флексибилноста односно  колку бргу може да се предаптираат капацитетите што родителите сакаат да ги користат. Притоа, таа нагласи дека наставата во овие услови е променлива, динамична и со многу предизвици и затоа нема универзално, туку индивидуални решенија.

Слични содржини