Дефицит на работна сила: Се отвори „патот“ за увоз на странци, ЕУ „признава“ дека тие ја „крепеле“ евроспката економија!

Агенцијата за вработување регистрира илјадници слободни работни места, дефици на работна сила во градежништво, трговија, услужни дејности, угостителство. Признание од претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард – странската работна сила ја „крепела“ економијата во Еврозоната

од Vladimir Zorba
125 прегледи

Близу 8.500 работни места официјално има на домашниот пазар на труд. Бројката варира и во одредени месеци се доближува до скоро 10.000. Македонија веќе се соочува со дефицит на квалификувана работна сила и овој проблем од акутен стана хроничен. Неодамна беа усвоени законски измени кои го таргетираат пазарот на труд  – административни олеснувања за вработување на странци и зголемување на бројот на странски државјани кои ќе можат да работат на „државни проекти“.

„Квотата за странски државјани  не може годишно да надминува 5% од населението на РСМ кое законски е вработено, според податоците на ДЗС“ – стои во законските измени.

Според последните достапни податоци од Заводот за статистика во земјава се регистрирани 702.410 вработени. Пресметката на „Локално“ покажува дека максималното исполнување на годишната квота од 5% би значела привремени вработувања на околу 35.120 странци. Дефицитот на работна сила стана голем проблем за домашниот бизнис поради повеќе причини – траен одлив на кадар во странство,  сезонски вработувања на наши државјани во земјите од опкружувањето, особено во Грција, Хрватска, Словенија а во изминатите години проблемот се заостри и поради почетокот  на градежни работи на повеќе автопатски делници за што се потребни поголем број на работници од различни профили.

Токму градежиштвото е еден од секторите со наголем дефицит на кадар. Најновите податоци на АВРМ покажуваат дека само во градежништвото се регистрирани близу 850 слободни работни места.  На прва позиција со 1 365 слободни работни места е секторот „административни и помошни услужни дејности“, на втора со 1 342 слободни работни места е „преработувачката индустрија“, на трета позиција  со 1 104 слободни места е секторот „сместување и послужување храна“, на четврта со 1 099 слободни работни места е „трговија на големо и на мала“ и на петто место е градежништвото“.

Европската економија се „потпира“ на странска работна сила

Приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикна економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати. Вакво „признание“ даде претседателката на Европската централна банка , Кристин Лагард во срцето на САД – на  годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД.

„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.

Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст. Според Лагард иако од една страна странската работна сила го амортизира дефицитот на кадар во земјите од ЕУ од друга страна  одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население. Според пресметките на ЕЦБ бруто домашниот производ во Германија би бил за околу 6 проценти помал отколку во 2019 година без странски работници а значајните  економски резултати на Шпанија од крајот на пандемијата на Ковид-19,  исто така, во голема мера се должат на придонесот на странската работна сила.

Од друга страна владите на дел од европските земји најавија заострување на условите за влез на мигранити и издавање на дозоли за работа на странски државјани. Новиот германски министер за внатрешни работи, Александар Добринд, кој доаѓа од редовите на конзервативниот блок, од почетокот на мај  најави заострени гранични контроли на федералната полиција со цел да се вратат нерегуларните мигранти, вклучително и оние кои имаат намера да побараат азил. Во земјите од регионот, Албанија, Хрватска, Македонија, веќе е видлива пристуноста на странски државјани, пред се од Непал, Пакистан и од Бангладеш во угостителството, хотелиерството и општи работници во градежништвото и одржување на згради.

Д.А.

Слични содржини