Од Здружението на граѓани за унапредување и заштита на благосостојбата на бездомните животни „Дејзи фимили“-Скопје, денеска соопштија дека откако е воведен полицискиот час на територијата на цела држава, забележан е зголемен број труења на бездомни животни, но и на кучиња со сопственици.
– Имено, се работи за расфрлање на отровот Метомил или попознат како „Ланате“, на повеќе јавни површини во повеќе реони низ Скопје и околината, за што сведочат и други здруженија и независни активисти, при што настрадаа повеќе здрави единки. На пример, во неделата на 12 април 2020 беше отруено бездомно куче под наша грижа, имаме информации за расфрлан отров во текот на изминатиот викенд во Карпош, Радишани, Ново Лисиче, Козле, Влае, а само пред неколку часа отруено е куче кое пред само една недела беше во непосредна опасност, кога настрада друго куче од истата околина, односно истата група на бездомни, нозгрижени животни, истакнаа од „Дејзи фимили“.
Од Здружението потенцираа дека несомнено е дека се работи за извршување на смислени и планирани дејствија, особено ако се земе предвид фактот што во најголем дел се работи за маалски миленици, односно животни под грижа на здруженија, независни активисти и локални жители, кои во својот реон живееле подолго време и со кои не е поврзан ниту регистриран било каков инцидент, односно немил настан како напад и угризување на минувачи.
– Алармантно и симптоматично е тоа што овие кривични дела се извршуваат со зголемен интензитет во вонредна состојба и при прогласен полициски час на територијата на целата држава, кога се претпоставува и очекува зголемено присуство на чуварите на јавниот ред и мир, а со тоа и зголемена безбедност на граѓаните. Веќе е познато дека отровот „ланате“ е исклучително опасен како за животните, така и за луѓето и животната средина, нагласија од „Дејзи фемили“.
Од Здружението бараат од сите надлежни институции и органи на прогонот, а особено од АХВ, МВР и ЈО, итно да постапат по најновите пријави, ревносно да ги истражат труењата и да им посветат зголемено внимание особено со оглед на ситуацијата затоа што се работи за насилни криминалци кои се опасни по луѓето и околината.
– Бараме и одговор на прашањето:како и покрај сите сознанија и сите инциденти низ годините, продажбата на ваков опасен отров тече непречено и слободно на пазарот, без соодветно евидентирање и контрола на купувачите, потенцираа од „Дези фемили“.
Апелираа до сите совесни граѓани најпрво да внимаваат на себе и на своите домашни и маалски миленици и да се приклучат кон нивните барања и самостојно да го бараат истото од надлежните институции.