Дел од охриѓани бараат стопирање на реконструкцијата на Али Пашината Џамија во Охрид

од desk4
107 прегледи

Иако министерот за култура најави дека ќе биде стопирана градежната офанзива на Али Пашината Џамија, на објектот и понатаму  се работи со полна пареа, информира ТВ24.

Охриѓани бараат министерот да си стои на зборот и да го стопира проектот,а институциите да започнат да ја вршат својата работа. Од здружението ,,Совест”   и понатаму тврдат  дека џамијата е изградена на темели од црква и противзаконско е да се реставрира, а  истовремено и конзервира. Бидејќи со месеци никој не го слуша нивниот збор тие поднесоа неколку кривични и прекршочни пријави, кон екс директорката на Завод и Музеј, државниот градежен инспекторат и други надлежни служби за кои тврдат дека ја злоупотребиле својата положба бидејќи дозволиле да се гради тешка градба во срцето на охридската чаршија.Сега бараат помош и од УНЕСКО.

„Бараме веднаш да престанат сите активности, да се формира комисија која независно ќе ја испита целата процедура во која би се вклучил и експерт од наша страна. Ние зборуваме за зачувување на културното наследство и секакво сеење на верска, етничка или било каква омраза е неприфатлива“, вели Михаил Трендафилов –Нанче – Здружение Совест

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски потврди дека за  судбината на џамијата ќе одлучува УНЕСКО од кого министерството ќе побара проценка и мислење- дали активностите во објектот се во согласност со светските практики.

,,Она на што во следниот период ќе инсистираме е да не се создаде ситуација да тоа минаре се изгради, а без да побараме претходно мислење одУНЕСКО а потоа и политички договор“, вели министерот Алаѓозовски.

Во моментот на објектот се поставуваат столбови, а следна е изградба на минарето кое треба да биде високо 32 метри.Од ,,Совест” потенцираат дека реставрацијата може да уништи дел од културното наследство околу џамијата и целосно да го промени ентериерот на охридската чаршија.