Владина делегација, на чело со премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на самитот во Лондон каде што на едно место беа собрани балканските и европските лидери во рамките на Берлинскиот процес. Настанот беше предвиден за да ги зајакне регионалната соработка, безбедноста и економскиот раст. Во јавноста постои дилема како дводневната „екскурзија“ Велика Британија помогна за придвижувањето на нашиот евроинтегративен пат…
За дел од аналитичарите посетата на премиерот Мицкоски во Велика Британија не треба да се гледа во контекст на Берлинскиот процес 2025, чиј домаќин годинава беше Лондон. Настанот беше дел од поширокото вклучување на Велика Британија во регионот на Западен Балкан по Брегзит, со цел да ја засили својата улога преку економски, безбедносни и политички иницијативи. Истовремено со Мицкоски, во Лондон беа и Еди Рама, Албин Курти, како и премиерите на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, што покажува дека станува збор за регионален процес со европска и геополитичка тежина.
-Сепак, кога ќе се погледне комуникацијата на Владата кон јавноста, впечатокот е дека таа не успеа јасно да претстави што конкретно Македонија доби од ова учество – освен протоколарните слики и потпишани намери за соработка. Во принцип, ваквите посети можат да бидат корисни ако резултираат со конкретни иницијативи или проекти, но недостатокот на транспарентност остави впечаток дека јавноста не доби суштински одговори, и дека Владата избегнува да и соопштти на јавноста што точно е ефектот од оваа посета, вели аналитичарот Бесим Небиу во разговор за „Локално“.

Бесим Небиу/Фото: Принтскрин
СДСМ побара од премиерот Мицкоски да објасни дали на средбите во Лондон биле договорени аранжмани со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти и отворање мигрантски кампови во Македонија. Партијата тврди дека британски медиуми известиле оти темата била во фокус на разговорите на македонската делегација, додека Владата „молчи и избегнува одговори“. СДСМ побара јавно да се каже што е договорено и дали евентуалните кредити и инвестиции се условени со миграциски договори.
Премиерот од Лондон извести дека е потпишан Меморандум за соработка со американско-британската фирма „Бурсток“, која ќе вложи средства во специјализираната воена индустрија во нашата држава. „Денеска потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија „Бурсток’, која што ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари, ќе имаме нови високоплатени 1,000 работни места и ова е само почеток“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Колку потпишаните договори со различни британски консултантски фирми и други компании, како и претходниот договор за заем од 5 милијарди фунти значи дека договорот за населување мигранти е реален? Според Небиу, дополнителен проблем е што владината комуникација околу чувствителните прашања, како миграцијата, беше, како што вели, премногу затворена.
-За разлика од Еди Рама, кој јасно изјави дека Албанија нема да создава кампови за мигранти, кај македонската влада немаше таква експлицитност. Откажувањето на интервјуто за The Times само ја засили перцепцијата дека се избегнуваат теми што бараат јасен став, истакнува соговорникот.
Во отсуство на јасна порака, додава тој, се создава простор за шпекулации – особено кога постојат информации за договори со британски компании и консултанти, или за потенцијални заеми во милијарди. Без конкретни објаснувања, според Небиу, таквите теми лесно можат да се политизираат и да станат алатка за дневно-политички напади, што на крај ја ослабува довербата во институциите.
-Недостигот на транспарентна комуникација е сам по себе политички проблем. Владата мора да покаже дека може отворено да комуницира и за чувствителни прашања, без да дозволи јавноста да дознава преку шпекулации и туѓи медиуми, дециден е аналитичарот.
Запрашан дали е добар договор – кредити во милијарди кои ќе ги плаќаат граѓаните, без да ги знаат деталите, во замена за кампови за мигранти, Небиу тврди дека тоа не е добар – ниту политички, ниту економски, ниту морално.
-Македонија и пошироко регионот на Западен Балкан се меѓу најсиромашните делови на Европа, со ограничени јавни ресурси и социјални капацитети. Префрлањето на одговорноста за миграциските политики од богатите земји на посиромашните – дури и ако тоа се претставува како финансиска компензација во милијарди – не може да се смета за фер или одржлив договор.
Во суштина, тоа би значело купување на политички мир во ЕУ на сметка на општества кои веќе се под голем социјален и економски притисок. И токму затоа, важно е оваа тема да се третира со највисока транспарентност, бидејќи се однесува на суверенитет, безбедност и социјална стабилност, порачува аналитичарот.
Со свое видување за настаните од претходните денови и поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите, Никица Корубин. Вели дека исклучително индикативно и интересно е што, Самитот за “Западен Балкан” и економската иницијатива “Берлински процес”, кој е составен дел на ЕУ и интеграцијата на овие шест земји кон ЕУ (Северна Македонија, Косово, Србија, Црна Гора, Албанија и БИХ) се одржува во Велика Британија, земја која повеќе не е членка на ЕУ. Според неа, тоа само говори дека во однос на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан.
-Велика Британија не само што е на идентична линија со ЕУ, туку и активно и ефективно помага за нивна безбедносна и економска стабилизација и европска интеграција. Ова беше исклучително сериозен и значаен самит, со учество на највисоки претставници на ЕУ и земји членки на ЕУ, во кои се донесени 49 заклучоци од областа на евроинтеграциите, безбедноста, економијата, миграциите. Приемот организиран од страна на кралот Чарлс Трети, во дипломатска смисла, само ја зголемува тежината и значењето на самитот. Од оваа перспектива треба да се посматра и нашето учество и учеството на Премиерот, после извесно време отсуство од меѓународни настани, вели Корубин за „Локално“.

Никица Корубин/Фото: Принтскрин
За прашањето за евентуални мигрантски кампови, аналитичарката упатува на изјавата на премиерот на Косово, Албин Курти, во однос на ставот на Косово за европскиот проблем со мигрантите; како пример и репер за сериозно политичко и дипломатско поведение.
-Тој, парафразирано вели: “Велика Британија секогаш го поддржувала Косово, неговата слобода, државотворност и развој; и затоа и Косово е спремно да помогне во безбедносните прашања, вклучително и миграцијата”. Тоа е одговор што треба да го даде и зрел политичар и сериозна држава, која нема само да ги користи бенефитите, без да е спремна за обврските и одговорностите. Тоа не значи дека Северна Македонија, треба да се постави како Косово во однос на прашањето со мигрантите, тоа само значи дека ниту една европска тема, не смее да биде предмет на манипулација, пародија и лицемерие, посочува Корубин и додава:
-Ако го тргнеме на страна еклатантното лицемерие и константна манипулација на ВМРО-ДПМНЕ и по однос на ова прашање и по однос на редица други прашања, поврзани со меѓународната политика и позиција на државата; се соочуваме со лицемерието и на опозицијата (СДСМ) и на јавноста. Ставот по сериозни прашања, не може да претрпат целосна промена, бидејќи тогаш тоа не било став, туку манипулација и опортунизам. Клучното прашање е, имајќи го предвид нашиот ултимативен интерес, членството во ЕУ, а токму тоа е целта и на овој самит; кога ќе се заврши единствената обврска – уставните измени? И дали и тие биле тема на разговор, како најбитната тема за која треба политички и да се разговара и многу поважно, конечно да се спроведе, вели соговорничката.
Околу прашањето дали ова е добар евентуален договор – кредити во милијарди кои ќе ги плаќаат граѓаните, без да ги знаат деталите, во замена за кампови за мигранти, екс-пратеничката порачува дека Македонија е географски на мигрантската рута, не само денес, туку стотици и илјадници години назад во историјата, во поширокиот регион на Источниот Медитеран.
-Тоа е меѓу другото “цената” на геостратешката положба, но и на геостратешката улога, која треба да се посматра како наша предност, а не предмет за уцена. Секоја одлука што ќе ја донесеме како држава, треба да биде во наш интерес, но нашиот интерес не е само националниот, туку и регионалниот и европскиот. Така постапува сериозна НАТО членка, и идна членка на ЕУ. Се надевам, многу поскоро, отколку што некои сакаат да замислат, истакнува Корубин.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски
Албанскиот премиер Еди Рама за време на престојот во Лондон нагласи дека Албанија никогаш нема да прифати формирање центри за враќање на мигранти на нејзина територија. Шефот на албанската влада во интервју за Би-Би-Си објасни дека, иако има посебен договор со Италија за третман на барателите на азил, Албанија никогаш нема да прифати формирање центри за враќање на нејзина територија.
„Со Италија, тоа беше уникатен договор поради нашиот многу посебен однос. Ѝ понудивме на Италија дел од нашата земја да го управува, како италијанска јурисдикција, но идејата за центри за враќање не е решение“, нагласи Рама.
Рама додаде дека преселувањето на барателите на азил во трети земји може да има превентивен ефект, но не ја решава вистинската причина за емиграцијата.
„На крајот на краиштата, мора да се запрашаме дали имиграцијата е проблемот или дел од решението? Верувам дека е дел од решението, бидејќи „демографската зима“ на Европа и Велика Британија е многу присутна“, рече Рама, додавајќи дека потребата за работна сила е голема.
Според него, нелегалната имиграција и мрежите за трговија со луѓе можат да се борат само преку директна соработка и меѓусебни договори меѓу земјите на потекло и земјите на дестинација.
„Темната страна на овој феномен мора да се реши преку договори каде што двете страни победуваат. Но, за жал, живееме во време кога преовладуваат слаби решенија поради притисокот на политиката што се стреми кон поделби и бара крв, во симболична смисла“, вели албанскиот премиер.