Делегацијата на Европската унија ги демантираше натписите во „Слободен печат“ дека биле посетени од претставник на таканаречена иницијатива „Мора да има учебници и часови“.
„Делегацијата на Европската Унија и УНИЦЕФ би сакале да информираат дека не се сретнале со оваа личност. Додека двете организации го поздравуваат отворениот дијалог и дебата, важно е да се осигура дека точни информации се споделуваат со јавноста“, соопштуваат од Делегацијата.
Преку соопштение, реагираше и владеачката СДСМ.
„Исто како и ВМРО-ДПМНЕ така и нивните инсталации лажно претставувајќи се како граѓански иницијативи, стануваат избор на лажни вести. Делегацијата на ЕУ во Скопје денеска демантираше лажна вест дека наводно претставник на иницијативата ги посетил Делегацијата на ЕУ и УНИЦЕФ“, реагираат од владеачката СДСМ.
Според нив, нема крај на деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ против дигитализацијата на образованието, против образовните реформи.
„Откако им се случи фијаско на протестите, откако им пропадна иницијативата за собирање потписи за референдум, денеска ВМРО-ДПМНЕ преку своите инсталации шири лажни вести. Ништо ново од партијата која нуди само лаги и деструкција и која редовно е поразувана од граѓаните на избори“, стои во партиското соопштение.