Делта сојот може да го уништи летото, велат од француската влада

од Nikola Popovski

Заразниот делта сој сега опфаќа околу 40 проценти од новите инфекции со Ковид-19 во Франција, предупреди денеска владиниот портпарол Габриел Атал, велејќи дека четвртиот бран може да го загрози летото.

Атал рече дека забрзувањето на кампањата за вакцинација е најдобриот начин да се избегнат нови ограничувања на движењето и дружењето и ги повика сите што се двоумат дали да се вакцинираат.

„Пропорцијата на оваа варијанта е двојно зголемена секоја недела во изминатите три недели, од 10 проценти од инфекциите пред три недели на 20 проценти минатата недела и 40 проценти оваа недела“, рече тој.

„Брз и опасен“

„Овој сој е опасен и брз и каде и да се појави, може да го уништи летото“, рече Атал на прес-конференција.

Тој додаде дека ситуацијата брзо се влошува во провинцијата Ил-де-Франс околу Париз, а стапката на инфекции околу главниот град минатата недела е скоро двојно зголемена.

„Примаме сè повеќе знаци на предупредување и можеме да ја доживееме истата траекторија како и некои соседни земји“, забележа Атал.

Случаите во Велика Британија се зголемуваат, додека властите на Шпанија и Португалија се принудени да воведат нови ограничувања поради забрзувањето на инфекцијата.

Министерски состанок поради четвртиот бран

Министрите ќе се состанат во понеделник на разговори за четвртиот бран, а владата ги разгледува можните сценарија, вклучително и задолжителните вакцини за здравствените работници.

„Не сакам да стигматизирам ниту една професија. Вакцинацијата не е казна, туку можност. Сакам за тоа да се расправа без страст“, рече министерот за здравство Оливие Веран на почетокот на состанокот со претставниците на здравствените работници во средата.

Слични содржини