Денеска се слави Бадник

од Vladimir Zorba
521 прегледи

Римокатоличката црква и сите христијански цркви што времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го прославуваат  Бадник, ден пред Божик.

На 24 декември католиците го пресретнуваат еден од најголемите христијански празници за годината – Бадник.

Македонската, Српската и Руската православна црква, Ерусалимската патријаршија и Света Гора тој празник го прославуваат според  Јулијанскиот календар, 13 дена подоцна.

Божик, 25 декември по Грегоријанскиот календар го прославуваат Римокатоличката црква, протестантските цркви како и некои православни цркви кои прифатиле ново сметање на времето.

Во христијанството се верува дека Христовото раѓање донело светлост на вистината за човековиот род и дека со тој настан е исполнето старозаветното пророштво за раѓање на Спасителот.

Денес е последниот ден од 40-дневните пости. На празничната трпеза се ставаат посни јадења како грав, сарма, ошав, посна погача со паричка, тиквеник, туршија, овошје, мед, ореви и други.

Нивниот број треба да биде непарен – 7, 9 или 11 . Задолжително домот и трпезата се помолуваат за здравје, а најстариот член на семејството го дели празничното лепче.
Вечерата на Бадник почнува рано, за да созрее рано житото.

Вечерта лепчето се крши и првото парче се остава за Богородица, второто е на куќата, третото за бабата и така до најмалиот член на семејството. На оној на кој ќе му се падне паричката, годината ќе биде исполнета со благосостојба.

Зрелиот грав е симбол на плодноста и блажената година. Вареното жито и оревите се за желба за весел и богат живот во новата година. Сармата и полнетите пиперки се желба за добра жетва.

По вечерата масата не се крева, за да можат душите на сите упокоени роднини да слезат и да земат од неа. Од трпезата на Бадник се задржуваат оревите, зеленото жито и недогорената свеќа за следните празнични вечери.