Дерала: Пораките на Рубин не се новина, институциите и новинарските здруженија имаат одговорност за состојбите со дезинформациите

од Vladimir Zorba
253 прегледи

Претставникот на Стејт Департментот задолжен за справување со дезинформации, Џејмс Рубин синоќа од Скопје испрати порака дека македонски медиуми шират руска пропаганда и дезинформации.

„Би кажал дека просторот овде е сериозно „затруен“ пред се од руски дезинформации“, искрен беше Рубин, додавајќи дека за оваа ситуација разговарал со премиерот Ковачевски и со министерката за одбрана, Петровска.

Рубин најави засилена соработка меѓу Вашингтон и Скопје, пред се на техничко ниво, но и споделување на американското искуство, не само во борбата против дезинформациите и лажните вести, туку и откривање на изворите.

Тој очекува и формирање на владини тела кои можат да почнат да ги испитуваат и анализираат овие проблеми за да се обидат да ги спречат.

Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода и главен уредник на медиумската платформа на организацијата која спроведува мониторинг и анализи на дезинформациите, пропагандата и хибридните закани против демократијата, за „Локално“ вели дека пораките на специјалниот претставник на Стејт Департментот не се нови и дека тој само многу отворено, искрено, директно и прецизно ги лоцира познатите проблеми со руската пропаганда и дезинформациите.

-Овие предупредувања се присутни со години наназад и доаѓаат, не само од САД и Европа, не само од официјални претставници на владите, туку и од експертската заедница и граѓанските организации како што е ЦИВИЛ. Сепак, се гледа промена во тие трендови. Специјалниот американски претставник навестува нов начин на гледање на работите и порешителна акција. Мислам дека можеме да очекуваме сериозни чекори во најскоро време, вели Дерала.

Смета дека медиумите не се осамени во продукцијата и дистрибуцијата на дезинформациите и пропагандата.

-Тие, впрочем, функционираат во спрега со организирани центри на моќта, како однадвор, така и внатре во нашата земја, кои сметаат дека е опортуно да влезат во операциите чија основна алатка се дезинформациите. Институциите и новинарските здруженија што ги споменувате имаат одговорност за овие состојби чии последици се таложат со години, но не се преземаат чекори за нивно надминување. И не само тие. Начинот на функционирање на македонскиот јавен сервис, саморегулаторните тела и државните институции со кои се регулира медиумскиот простор се мастодонти од кои секојдневно трпиме последици, дециден е претседателот на ЦИВИЛ.

Од анализите на овие трендови, посочува Дерала, не треба да се изостават ни бизнисот, ниту, пак, голем дел од други невладини организации кои немаат мандат да се занимаваат со медиумските прашања, но имаат општествена позиција и делокруг кои можат директно да влијаат на влошување или подобрување на состојбите.

-Погледнете само каква неславна улога имаа некои невладини за време на јулските антиевропски протести во 2022 година, па ќе ви стане јасно за што зборувам. Мора да се има предвид дека крајните цели на тие операции е разнишување на демократските институции и загрозување на стабилноста и безбедноста на земјата, односно државите кои се мета на овие напади, изјави Дерала за „Локално“.

За тоа дали очекува САД да ги зголеми напорите за справување со дезинформациите на Западен Балкан, откако Рубин веќе најави техничка поддршка, Дерaла е на мислење дека тоа нема да биде доволно.

– Ќе биде доволно само ако во одбраната од дезинформациите се вклучат сите актери – граѓанските организации, академијата, медиумите, институциите на државата и, секако, соодветните ресори во Владата, порача тој.

Од Здружението за новинари на Македонија (ЗНМ) ги оценија како позитивни пораките на Рубин и додадоа дека земјата веќе се движи во позитивна насока во однос на справувањето со дезинформациите.

Од ЗНМ за „Локално“ соопштија дека дезинформациите се присутни во секое општество, не само во нашето и претставуваат закана и носат поделба на истото.

-ЗНМ ги претставува новинарите, кои се дел од медиумите и преку нив постојано се трудиме да влијаеме на намалување на можноста за дезинформации преку обуки и тренинзи, за развој на вештините за нивно препознавање. Една од последните активности на оваа тема беше обуката за борба против дезинформации која ја реализиравме во месец март, а беше наменета за онлајн медиумите, на кој учествуваа повеќе од 30 медиуми. Слични обуки се планирани и во иднина со цел што повеќе заинтересирани новинари да земат учество, истакнаа од ЗНМ.

Наведуваат дека иако процесот е тежок, бавен и бара време за реализација, постои напредок во справувањето со пропагандите.

-Интернетот е тука да остане, токму затоа активно работиме во справување со оваа појава и веруваме дека процесот на саморегулација е една од алатките за тоа, ни изјавија од ЗНМ.

Од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) укажуваат дека справувањето со дезинформациите е комплексен проблем за чиешто решавање е неопходен сеопфатен пристап од сите компетентни актери во општеството.

-Институциите на државата имаат најголема моќ да ги добијат потребните информации кои се поврзани со основање и функционирање на медиуми и канали на комуникација што шират дезинформациски наративи во корист на злонамерни, надворешни актери, велат од таму за „Локално“.

Информираат дека нашата улога како граѓанско општество е пред се да се едуцира јавноста и новинарите и на тој начин да се влијае врз подобрување на свесноста за препознавање и реагирање кога станува збор за дезинформации од таков тип.

В.З.

Слични содржини