Дервишова-Чолакова: Во време кога горивото поскапува, жално е лекарите да ги изложуваме на трошок

од Nikola Popovski

Преземавме мерки навремено, ги информиравме пациентите. Немало проблеми и немало реакции од пациентите. Ги услужуваме колку што можеме, изјави д-р Лилија Чолакова – Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) за протестот на матичните лекари што започна денеска.

Таа информира дека имале многу средби со министерот за здравство, Беким Сали, но без решенија.

-Очекуваме многу и сакаме многу нешта да промениме со него. Што се однесува до колегите што не нѐ подржаа, тоа е многу мала бројка, на една рака се бројат. Не сакам да коментирам ставови на други здруженија, но нашето здружение 30 години функционира и се бориме со сите досега, рече Дервишова-Чолакова.

До вечност можам да бројам што се сме постигнале во интерес на граѓаните и здравствените кадри, појаснува лекарката.

-Во време кога горивото поскапува, жално е докторите да ги изложуваме на трошок. Ако се поскапува и галопира инфлацијата, капитациониот бод мора да расте. Ние се обраќаме и до Фондот за здравство, не само до Министерството за здравство. Во сите договори мора да се стави цена на трудот, вели Дервишова-Чолакова.

-Ние држава променивме, а не можеме да смениме Закон за здравствена заштита, еден член. Имаме докторки кои не сакаат да одат во пензија, затоа што имаат млади тимови со сестри и исто така ќе останат на улица, додаде лекарката.

-Ние не можеме да бидеме заборавени. Платите мора да пораснат. Од што ќе покачиме плати на нашите вработени?, праша Дервишова-Чолакова во гостувањето на вестите на Тв Сител.

Слични содржини