Министерката за правда, Рената Дескоска го оцени како очекуван потегот на ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти средбата за Законот за Јавното обвинителство. Таа смета дека по вчерашната прес конференција на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, било јасно дека од сите девет забелешки, битна им е само една забелешка.
„Разговорите ќе продолжат со сите заинтересирани да го поддржат Законот. Мислам дека е некоректно да ја ставиме на коцка иднината на овој Закон во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, така што продолжуваме со разговорите. Немам најава дека било кој би имал против овој Закон, немам дилема дека ќе биде поддржан од пратениците на СДСМ и ДУИ“, рече Дескоска.
Министерката додаде дека опозициската партија не извадила писмен текст, иако тоа било најавено од нивна страна. Вели, заедно се договарале кого ќе повикаат на средбата, а обвинителот Љубоимр Јовески не бил меѓу оние кои ВМРО-ДПМНЕ ги побарале да бидат присутни на средбата.
„За да не излезе тоа на виделина, тие не извадија писмен текст, иако беше најавено дека ќе ги презентираат забелешките. За жал избегаа и од тие забелешки, туку поставија два услови, јавна расправа која беше прифатена и се потврди од сите дека е прифатливо. Втората работа беше да се појави обвинителот Љубомир Јовески. Тие беа информирани дека ќе бидат присутни сите пратенички групи, почна нивниото колебање дали да дојдат или не. Разговаравме кој друг да биде присуден и истакнаа дека треба да бидат поканети претставници на ЕУ и Амбасадата на САД. Форматот беше договорен со нив, но во ниту еден момент не побараа Јовески да биде присутен. Ова е барање за да одлговлекуваат, зошто имаат само една забелешка, а тоа е прекинување на постапките од незаконско снимените разговори“, нагласи Дескоска.
Според неа, од опозициската партија не сакале да соопштат пред другите партии дека единственото барање им е запирање на предметите на Специјалното јавно обвинителство.
„Сите кажаа дека ова предложено решение е солидна основа за градење консензус. Се обврзавме дека идната недела ќе седнеме уште еднаш да се произнесеме. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе си ја преиспита својата одлука, не е добро да останат надвор од процесот бидејќи партиите можат да демонстрираат дека се за Европската Унија и борбата со корупциајта, се другу ќе значи дека го става интересот на поранешното ракводство пред интересите на граѓаните“, рече Дескоска.
Министерката за правда истакна дека државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески ќе биде повикан на јавната расправа и дека тој бил член на работната група која што го изработуваше Законот.
А.Т.