Деспотовски: Одамна ја заслуживме поддршката и фондовите, пред 20 години бевме поспремни за во ЕУ од Бугарија и Романија

од Nikola Popovski

“Предолго време седиме надвор и ги пропуштаме шансите да бидеме подобри. Можеме да бидеме подобри како и сите останати пред нас што станале подобри ако добиеме финансиска поддршка и пристап до фондовите од ЕУ. Ние пред 20 години бевме поспремни за во ЕУ од Бугарија и Романија, но влегле во процесот и преговарале, а меѓу време добивале и финансиска поддршка. Оттука незадоволството и дилемата за ЕУ се сосема оправдани и ги разбирам и не се фер. Коментирам како граѓанин. Ако сакаме да одиме чекор понапред ете и да ја завршиме домашната задача за уставните измени мора да имаме конкретна политичка волја од ЕУ дека целта е 2030 година и да не се бараат дополнителни услови и без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ е на власт, рече Јован Деспотовски, директор во ТИРЗ на гостување во емисијата “Само вистина”.

Според Деспотовски “преговарачката рамка и ставот и заклучоците на Советот се многу јасни, а Македонија не преговара со Бугарија туку преговара со Европската Унија”, а изјавата на вицепремиерката на Бугарија, Марија Габриел е „очекувано разочарување”.

„Велам дека е разочарување, што е дури многу политички коректно кажано, иако заслужува и поостар коментар. Сум имал прилика лично да ја запознаам вицепремиерката на Бугарија во капацитет кога беше потпретседател на Европската комисија задолжен за дигитализација. Изјавата е разочарување затоа што прво, свесно манипулира, покажува дека не го познава процесот на преговори. Второ, за некој што е доведен од  Брисел за да води прогресивна проевропска влада во Бугарија, навистина е непотребно да ја манипулира бугарската јавност, што носи непотребна неизвесност во рамки на сето она што се случува во моментот со односите меѓу Македонија и ЕУ,” изјави Деспотовски. Тој додаде и дека „на секој следен самит, или на секоја следна шанса што ја пропуштаме, очекувано е дека од бугарската страна ќе има ваков тип на изјави коишто очигледно се за внатрешно политички потреби.”

Деспотовски побара и конкретна одговорност за оние институции кои не си ја извршуваат функцијата поради што имаме критики и од ЕУ и од граѓаните.

„ Имате сет на институции кои не функционираат, или се заглавени во време од пред 15 до 20 години кога работите функционираа поинаку и поради тоа не постапуваат. Имате 80% од институциите кои не знаете ни кој ги раководи, а камоли што (не) сработеле. Одговорноста има име и презиме и треба јасно да се каже кој е, и да си ја понесе одговорноста за тоа, ” порача Деспотовски.

Според него клучно на следните избори е јасно да се посочи што од ветеното е остварено, а што не и да се направи чекорот понатаму за да се оди кон поставената цел.

„За нас ќе биде клучно следното – колку успешно ќе успееме да го искомуницираме тоа што е реално сработено, а до сега не сме го искомуницирале, или недоволно – а сме го направиле. И да дефинираме што е тоа што ќе го направиме во првите 3-6 месеци од новиот мандат. И уште поважно – со кого, кои се луѓето кои ќе застанат и ќе го спроведат тоа. Со ваков пристап убеден сум дека ќе ја формираме следната влада,” рече Деспотовски.

Слични содржини