Деца смрзнуваат во градинки без парно – родителите бараат одговорност

од desk2
423 прегледи

Двата објекти на градинката „Снежана“ во Топанско Поле и матичниот објект на градинката „11 Октомври“ во Бутел и денеска се без парно греење, поради спор меѓу општина Чаир и АД Топлификација Скопје Север околу плаќањето на гасот од „Макпетрол“.


Тие ја префрлаат одговорноста од еден на друг и засега нема конкретна информација колку ова ќе трае.
Родителите се револтирани. Бараат оставки од сите вклучени , почнувајќи од директорите во градинките, до надлежните министри.

-На температури од -5 степени, да оставиш деца во градинка да се смрзнуваат, е нечуено. Има и бебиња од по 10 -11 месеци. Кај да ги згрижиме, кога имаме работни обврски? Градинката бара да плаќаме сметки месец за месец, а кој мене ќе ми ги плати изгубените денови на работа? Како може никој да не каже конкретно кога ќе има парно? Неспособните директори наместо да реагираат,се кријат во канцеларии. Министрите се правдаат дека не ни чуле. Градоначалниците велат ќе се реши, ама само велат. Треба да штрајкуваме заедно со децата за да им покажеме дека има проблем? – вели татко на дете во градинката „Снежана“ за „Локално“.
Во оваа градинка одат околу 300 деца.

Училиштата „Васил Главинов“, „Рајко Жинзифов“, „7 Март“, „Петар Здравковски-Пенко“, како и градинките „Снежана“ и „11 Октомври“ од завчера се без парно греење. Од Општина Чаир изјавија дека проблемот не е во Општината, туку парно нема поради проблеми на АД Топлификација Скопје Север.

– Со нив настана целиот проблем. Тие немаат пари да ја платат банкарската гаранција од Макпетрол, кој им доставува гас, па проблемот го насочуваат на Општина Чаир. Општината има долг од 14 милиони денари, кој досега е намален за 50 отсто, бидејќи имаме договор согласно кој редовно плаќаме за парно греење за тековниот месец, а плаќаме и рата од долгот – изјавија од Општина Чаир.

Скопје Север АД – Скопје, пак, објави известување потпишано од директорот Игор Поповски во кое стои дека уште на 30 ноември испорачателот на природен гас Макпетрол Пром-гас го прекинува снабдувањето на природен гас и поради тоа, компанијата нема да е во можност да обезбедува континуирана испорака на топлинска енергија.

Од Министерството за труд и социјална политика кои се надлежни за градинките без конкретен одговор, кога ќе има парно.

„Средствата за финансирање на јавните установи за деца се распределуваат на општините и на општините на Градот Скопје по пат на блок дотации, а потоа општините и општините на Градот Скопје овие средства ги распределуваат на јавните установи за деца кои функционираат на нивното подрачје со цел реализација на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Општините и општините на Градот Скопје може да ја надополнат добиената блок дотација со сопствени средства и на тој начин да влијаат врз подигањето на стандардот и квалитетот на услугите кои ги даваат јавните установи за деца. Исто така, сакаме да  информираме и да потенцираме дека од страна на Министерството редовно се распределуваат средствата по пат на блок дотации до општините,  а општината како основач на Јавните установи за деца – детски градинки  има обврска да ги распредели на детските градинки што се на  нејзиното подрачје“, соопштија од МТСП за Локално.