Децата кои немаат доволно сон и остануваат подолго будни имаат послаби резултати во училиште. Стручњаците покажаа дека родителите треба да одредат точно време кога децата одат во кревет, затоа што во спротивно, може да имаат проблеми со математика и со читање.

Во истражувањето следени се седумгодишни и тригодишни момчиња и девојчиња, како и нивните навики за заминување во кревет. Оние кои немале регулирано време за кревет покажале полоши резултати од оние кои секоја ноќ легнувале во исто време и спиеле доволен број часови.
Утврдено е дека тригодишните деца кои не одат во кревет секоја ноќ во исто време имаат проблем со регулирање на емоциите, и имаат поголеми шанси да бидат дебели подоцна во животот.
Предупредуваат дека тие деца може да имаат психички проблеми и чувствуваат голем умор ако легнуваат секој пат во различно време.
„Кога летата низ различни временски зони тешко функционирате кога ќе стигнете на дестинацијата. Исто е и кај децата кога им ги менувате навиките за спиење. Ќе се мачат повеќе од возрасните. Сонот е битен за формирање и складирање на сеќавањата, за секојдневното учење и есенцијално е за децата“, вели д-р Ивон Кели, од Универзитетот во Лондон.
Во студијата учествуваа повеќе од 11.000 деца кои се следени во текот на четири години. Д-р Кели вели дека им порачува на родителите да не очајуваат затоа што може да направат промени. Кај децата чии родители дополнително вовеле прецизно време за спиење утврдено е дека дошло до позитивна промена и напредок во развојот.