Децата не треба да ги чуваме во стаклено ѕвоно, престојот во градинка е добро за социјализација

од Берта Китинска
745 прегледи

Иако на неколку пати се најавува отворањето на градинките конечниот датум за нивниот почеток со работа се уште е непознат.

Во тек е скринингот на вработените во градинките во досегашните испитувања откриени се два позитивни случаи на коронавирусот едниот во Скопје, другиот во градинка во Битола.

Од Комисијата за заразни болести велат дека предлозите за протоколите се доставени до Министерството за труд и социјала од каде се очекуваат да се дофинишираат одредени ставки па да се донесе одлука.

-Од медицински епидемиолошки аспект само ќе напоменам дека нашите предлози се усмерени кон начинот на одржување на хигиената , начинот на постапување и работа со децата да е тоа на дистанца меѓусебна , да персоналот кој работи со нив е со лична заштитна опрема, да хранењето е во неколку етапи , да играта се одвива во отворени услови и со дистанцирање , да се постават посебни коридори на движење, начинот на спиење во креветчињата да е изменет да има раздалеченост на креветчињата и да се контра свртени дечињата да не се со глава до глава туку глава нозе и да се мери температурата при влез и да се одржува врвна хигиена. Почетокот на работата на овие установи ќе биде во најкраток можен рок, во согласност со условите кои ни ги носи времето и боројт на случаевите. Се надевам дека за кратко време сето тоа ќе се доведе во нормални граници и ќе се отпочне со нормално функционирање прилагодено на нашите условија, изјави директорот на Детската болница „Козле“ и член на Комисијата за заразни болести, Ангелчо Андоновски.

Педијатрите велат дека повеќе од 90% од акутните болести кои се јавуваат кај децата во предшколска возраст се од вирусната етиологија. И дека најбројни се вирусите кои го напаѓаат горно-респираторниот тракт и тие се специфични за периодот есен-пролет, додека во летните месеци тоа се вируси со афинитет кон го напаѓаат дигестивниот систем.

-Во период на пандемија со Ковид 19 доколку детето треба да престојува во предшколска установа треба да се создадат услови за негова целосна заштита.Пред се децата се и големи преносители на заразата. Топло препорачувам на секој родител да не го носи детето во градинка доколку покажува и најлесни симптоми на болест. Измерете ја температурата на детето пред да одите во градинка. Додека е дома упорно едуцирајте го како да ја одржува правилно личната хигиена, да не става предмети и играчки во уста, да не дели храна и прибор за храна со друго дете, Облеката и обувките кои ги носи во градинка да се перат и дезинфуцираат по враќањето дома. Препорачувам детето да се храни здраво, да прима витамини, да престојува на чист воздух, евентуално да се даваат суплементи се со цел за ојачување на неговиот имунитет. Детето треба да престојува во градинка, тоа е добро за неговиот психофизички развој и социјализација, објаснува доктор, Јасна Јермилова од ПЗУ Медика МИМ.

Додека кај еден дел од родителите се буди чувството на радост за повторно враќање во нормала на живото на детето со заминувањето во градинка, кај одреден дел се појавува и стравот од можната зараза.

Според психолозите за да може да се надмине стравот и родителите да се навикнат на промените, важно е да се разбере дека не е возможно целосно да се контролира состојбата и дека кога тогаш мораме да се вратиме на нормалното .

– Стравот како емоција е најблокирачкото чувство кое што буквално, во зависност од интензитетот, може да го спречи животот на човекот. Меѓутоа во каква форма ќе се појави ова чувство, во голема мера зависи и од карактерните особини на личноста. Оние родители, кои во својата природа како личности тежнеат повеќе кон хипохондријата и чувството на страв во различни ситуации, сега во оваа состојба, нивниот страв само излегува на виделина и се интензивира. Важно е да си ги постават следните прашања: Што можам да направам? Дали навистина нешто можам да направам? Што можам да променам? Вистината е сепак дека се што може да направат, е само да ги следат препораките, и тоа е се. Веројатно многу родители и нема да ги пуштат децата во градинка, туку ќе имаат поголема доверба кај бабите и дедовците и тоа ако за нив функционира, тогаш е сосема во ред. Меѓутоа важно е да разбереме дека не е возможно до бескрај да живееме во стаклено ѕвоно, бидејќи колку повеќе се обидуваме да контролираме дадена состојба, толку повеќе таа нам нѐ контролира. Оние родители кои имаат вистински блокирачки страв, би им препорачала и да побраат стручна помош, објаснува психологот и психотерапевт Дора Попова Узуновскa.

Според Попова Узуновскa природата на децата, во однос на возрасните е полесна за адаптација, меѓутоа таа сепак зависи од адаптацијата и на родителите.

-Детето не може само да се изрегулира, на него му е потребен родителот во регулацијата. Ако за родителот е страшна ситуацијата, и детето страшно ќе ја разбере. Меѓутоа, природната, детска причина поради која децата би одбивале да одат во градинка е повеќе научената комфорна зона во домашната атмосфера со намален број на обврски, отколку стравот од корона вирусот. Вистина е дека и тие генерално се изложени на стравот и целосно од сите страни се обиколени и бомбардирани со информациите, како и возрасните, но справувањето со тоа варира индивидуално од едно во друго семејство и зависи од стабилноста на родителите. Контролата врз детската природа е особено тешка. За децата е тешко да бидат толку претпазливи како возрасните, прво зашто нивното размислување на таа возраст е се уште на многу конкретно ниво и тешко е да го разберат апстрактното, односно невидливото. Во секој еден момент на послободна забава е лесно да ги заборават препораките и протоколите, па тука веројатно учителките ќе ја држат поголемата контрола. При објаснувањето е многу важно да се користи детски јазик. Може да биде во форма на смислена приказна или преку цртежи, кои би ја пренеле пораката за тоа дека да, постоивирус заради кој треба да бидеме претпазливи, но претпазливоста е се што можеме да направиме. Повеќе од тоа не можеме, вели Попова Узуновскa.

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна најави дека враќањето на родителите на работа и отворањето на градинките ќе оди во пакет. И дека тоа е еден процес кој ќе биде со соодветни препораки од Комисијата за зарзни болести.

На родителите кои мораат да тргнат на работа со олабавувањето на мерките единствено чаре им останува помошта од бабите и дедовците или поддршката од работодавците за користење платено отсуство за чување дете до 10 години.

Од министерството за здравство напоменаа дека за спречување на ширење и превенција од коронавирусот ковид-19, еден од родителите на дете до 10 годишна возраст или активно четвртоодделение, е ослободен од работа. Вработените лица кои користат оправдано отсуство поради дете во градинка, потребно е да достават потврда издадена од детската градинка дека детето е запишано и редовно посетува градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка и лична писмена изјава.

Исто така, за мајките чие породилно отсуство истекува од денот на прогласување на вонредна состојба, се продолжи периодот на платено отсуство од работа поради нега и одгледување на новородено и посвоено дете се до истекот на траење на времените мерки. Со продолжувањето на платеното породилно се опфатени и мајките кои поради затворањето на градинките, немале можност да го запишат детето во градинка.

Градинките заедно со училитата беа официјално затворени од 11 ти март.Секој работник до фирмата треба да достави само потврда од градинката, под услов детето редовно да ја посетувало.

Б.М

Слични содржини