Џабир Дерала: МИА има можност да одигра важна улога како лидер во медиумскиот простор

од desk4
601 прегледи

  Колумнистот и активист за човекови права од невладината Цивил, Џабир Дерала, во интервју по повод 20-годишнината од работењето на МИА изрази задоволство од промените во Агенцијата, но смета дека трансформацијата сѐ уште не е целосна.

Веќе 20 години МИА е веродостоен и професионален јавен информативен сервис. Дали, според Вас, МИА ја оправдува довербата кај јавноста и во медиумскиот простор?

Па, не сосема, а особено не до неодамна. Без оглед на свечениот повод, јубилејот, мора да се потсетиме дека МИА беше дел од пропагандната машинерија на партиите на власт во минатото, а особено во времето на медиумскиот мрак на криминалниот режим на Груевски.
МИА не ја виде Шарената револуција, како што не ја видоа ни Сител, Канал 5, Алфа, МРТ, Курир, Република и преостанатите медиумски слуги на режимот. Познато ми е дека дел од новинарската екипа на МИА се соочуваше со цензура и автоцензура.
Денес, лицето на МИА е сосема поинакво. Без двоумење станавме претплатници на новата МИА, на чие чело е професионален новинар што маршираше заедно со нас на протестите на кои баравме слобода, правда и демократија. Се радувам што ја гледам таа промена, иако не можам да кажам дека трансформацијата е целосна. Ќе биде потребно  уште многу да се работи на враќање на довербата. Подобрување на сервисот подразбира и јакнење на неговата отпорност кон лажни вести и скриена пропаганда.

Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија и дали сте задоволни од содржините што ги нуди?

Несомнено да, МИА се движи по нагорна линија, но може многу подобро, може многу побрзо и поразновидно. Важно е редакцијата да се отвори  кон теми што се извонредно важни во денешниот свет, а за кои не се обрнува доволно внимание во нашето општество и во медиумскиот простор.

МИА има можност да одигра важна улога како лидер, трендсетер ако сакате. Со оглед на тоа што е државна агенција, Агенцијата може да си го дозволи луксузот да понуди теми и содржини за кои нема интерес во комерцијалните медиуми, а кои се многу важни.
Такви теми се родовите прашања, екологијата, социјалната правда, општествената одговорност во бизнисот, науката и културата, стеснувањето на просторот за граѓанско дејствување, радикализацијата во општеството, екстремизмот итн.

Како ја оценувате досегашната соработка со МИА?

Многу добра. МИА е отворена и достапна редакција, а и административниот дел функционира професионално и соодветно на потребите на корисниците. Соработката може да биде подобра, секако. Во моментов, ние сме претплатници и на сервисот на албански јазик, каде што има простор за уште повеќе подобрувања.

Со каква порака би ѝ го честитале јубилејот на МИА?

Никогаш повеќе да не бидете дел од пропагандна машинерија на криминален режим.

Габриела Точко