Џафери-Борел: Процесот на проширување на ЕУ во моментов е повеќе од потребен

од Nikola Popovski
179 прегледи

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеф Борел Фонтел. На средбата присуствуваа и координаторите на Пратеничките групи и претставниците на помалите политички партии во Собранието.

-Од страна на претседателот Џафери беше искажано задоволството за реализацијата на посетата во моменти кога е повеќе од потребна јасна потврда на европската перспективна на земјата, имајќи ги предвид тековните настани во Украина и одредени случувања во нашето соседство, кои покажуваат колку брзо може да се промени мирот и стабилноста и рапидно да се зголемат безбедносните, економските, енергетските и други предизвици на континентот. Тој го информираше г. Борел за донесената Декларација во Собранието, со која најостро се осудуваат воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се повикуваат институциите на Република Северна Македонија да помогнат во обезбедување хуманитарна помош за бегалците од Украина. Претседателот Џафери се осврна на исполнувањето на реформската агенда и надминувањето на отворените прашања со соседите во изминатите години, пред сè заради исполнување на стратешката определба на граѓаните за членство во Европската унија. Во таа насока, апелираше за што поскоро отпочнување на преговорите за членство за Република Северна Македонија, соопштија од Кабинетот на Џафери.

Од таму додаваат дека Борел искажал особено задоволство од реализацијата на средбата поради неговата долгогодишна историја во парламентаризмот и неговата претходна функција како претседател на Европскиот парламент.

-Како добар познавач на регионот и застапник за процесот на проширување, ги поздрави чекорите преземени за унапредување на евроинтеграцискиот пат и повика на надминување на одредени прашања укажани од страна на Европската комисија, кои првенствено одат во прилог на националниот интерес, но и на членството во ЕУ. Тој го пофали конструктивниот пристап на новите влади во Скопје и Софија и ја потврди заложбата и активниот ангажман на челниците во Европската унија за што поскоро отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, велат од Кабинетот на Џафери.

Од страна на претставниците на пратеничките групи и помалите политички партии беше едногласно потврдена определбата за унапредување на европската интеграција на државата, беше пренесена намалената поддршка кај граѓаните за ЕУ и стравувањето за губење на кредибилитетот на ЕУ доколку состојбата не се промени, како и силната поддршка за граѓаните на Украина, нивното право на самоопределување во нејзините меѓународно признати граници.

Слични содржини