Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја презакажа седницата за Законот за Јавно обвинителство за утре во 11 часот, откако за збор за дневниот ред се пријавија повеќе од 30 пратеници.
„Поради тоа што се жалите од мене и праќате пораки и наредби преку Фејсбук, да кажам дека не ви враќам порака зошто немам Фејсбук и не комуницирам преку социјалната мрежа. Имам мои надлежности согласно Устав и Деловник, а за работата не можам да зборувам јас, но овој парламент е пофален и од Европската Унија. Се додека имам пораки дека ќе се создаде поуспешно мнозинство, јавно ги повикувам партиските лидери дека ако имаат потреба да создадат друго мнозинство, во текот на утрешниот ден да имаме состанок согласно Пржино, уште еднаш да ја потврдиме желбата за избори. И така има повеќе од 30 пратеници јавени за збор, јасно е дека нема расположение да се продолжи. Продолжуваме утре во 11 часот“, рече Џафери.
Инаку кратката седница се одржа по целодневно исчекување, а откако во 15 часот пратениците беа повикани да бидат присутни во Собранието поради можно одржување на седницата.
Пред оваа реакција на Џафери, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски на Фејсбук нашиша дека има можност за ново парламентарно мнзоинство, а потоа и нова, стабилна влада која би организирала редовни парламентарни избори.
„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори. Северна Македонија нема да биде заложник на партиски и криминални интереси, правната држава и европската иднина се приоритет на граѓаните и за тоа ќе се бориме до последниот атом“, напиша Николовски.
А.Т.