Собранието на Република Северна Македонија во овој мандат, по сите случувања и анализи по прв пат носи стратешки план за работа на Собранието. Се обезбедува независност на Собранието од другите власти, рече претседателот на Законодавниот дом, Талат Џафери.
Тој додаде дека Собранието во координација и соработка со владата како посебна власт, дошле до заклучок дека Парламентот има потреба да се осамостали во однос на собраниската служба, а паралелно се работи на буџетското планирање.
„Собранието не може во ништо да одлучува самостојно во однос на службата, иако нивната работа е специфична по однос на потребата на Собранието кое е во постојано заседание. Собранието не може да обезбеди кадри без солгасност од Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација, а во иднина нема да треба да бара согласност. Се создаваат инструменти во рамки на буџетот за годината да се реализираат самостојно таквите работи. Во однос на советниците, тоа не се регулира само Законот за Собрание, туку и Законот за јавни службеници, да може да се има и посебни службеници. За Парламентот тоа не е новина. Постои систематизација во Кабинетот, но во овој мандат не чувствував потреба да ангажирам посебни советници да ме советуваат“, рече Џафери.
Собранискиот спикер истакна дека Законодавниот дом работел и до доцна во ноќта, а службениците немале право за надомест на трошоци и слободни денови. Законот кој е ставен на разлгедување предвидува освен основната плата, да имаат правно на надомест 30% плус во платата, но и за слободни денови, бидејќи како што нагласи Џафери, во моментов колку и до доцна да работеле, наредниот ден морале да бидат на работа.
„Законот ќе биде на дневен ред на утрешната седница. Ќе се донесе утре или во текот на седницата, а ќе се применува од 1.1.2021 година, односно со наредниот буџет. Сметаме дека со она што е буџетска рамка обезбедува преку 90% од потребите на новиот Закон“, истакна претседателот на Собранието.
Тој нагласи дека измените во Законот за Собрание не предвидуваат повеќе пари, односно се ќе биде во рамки на буџетот што го има Собранието.
А.Т.