Џеф Безос ќе остане запаметен и по 10.000 години

од desk2
76 прегледи

 

Вчера и официјално почна изградбата на 10.000-годишниот часовник на мултимилијардерот Џеф Безос, проект во кој извршниот директор на Amazon вложи 42 милиони долари.

Часовникот ќе биде сместен во подножјето на планина во Тексас која Безос планира да ја искористи за изградба на парк за вселенските возила и ракети на неговата компанија Blue Origin.

Оригиналната идеја за изградба на ваков часовник доаѓа од Дени Хилс, кој во 1995 година, во статија за Wired предложи изградба на ваков часовник кој ќе работи во наредните 10.000 години за да се стави фокус на начинот на кој човештвото размислува за долготрајната иднина на планетата. Идејата подоцна прерасна во „Clock of the Long Now“, проект од фондацијата Long Now, а Хилс бараше финансиска помош за изградба на истиот.

Фондацијата најпрво проектираше неколку прототипи, но часовникот кој го гради Безос ќе биде првиот кој ќе функционира во целосните пропорции, како што беше замислен. Тимот кој работи на изградбата ги помина последните неколку години во дупчење на планината и носење на огромните делови во нејзиното подножје за да се подготви теренот за изградба на 10-милениумскиот часовник.

Според Џеф Безос, часовникот ќе биде отворен за посети, но ќе биде тешко пристапен. Најблискиот аеродром е оддалечен неколку часа од локацијата на градење, а дури и кога ќе се стигне таму, ќе треба да се искачат уште 600 метри по тешко прооден пат.