Државната изборна комисија ја затвори листата за кандидати за градоначалници. Според неа, вкупно 297 кандидати ќе „трчаат“ во кампања на претстојните локални избори на 17 октомври за градоначалници во 80 општини и Град Скопје.
За Скопје, свои кандидати имаат коалициите што ги предвидат СДСМ, ЛДП-ДОМ, Левица, Интегра, Твоја партија, Бошњачки демократски сојуз, ТМРО, Демократи, работници и независни, како и две листи на група избирачи- Данела Арсовска, која ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и Ана Петровска со поддршка од Зелен град.
Актуелниот градоначалник Петре Шилегов, покрај од СДСМ, ќе има поддршка од ДУИ, како и од ДПА и Беса. Сепак Алијанса за Албанците најави поддршка за Данела Арсовска,независната кандидатка која ја поддржува и ВМРО-ДПМНЕ.
За скопските градски и приградски општини за Центар се пријавени седум кандидати за градоначалник, за Аеродром пет, за Бутел два, за Карпош шест, Кисела Вода шест, Гази Баба четири, Ѓорче Петров шест, Чаир пет, Арачиново три, Сарај четири, Шуто Оризар шест, Илинден четири, Петровец три, Сопиште два, Студеничани три и Чучер Сандево четири кандидати за градоначалник.
Од другите општини во земјава најмалку кандидатури за градоначалник, само две има во Маврово Ростуше.