Државната изборна комисија на денешната седница донесе одлука за одземање на акредитациите на осум домашни набљудувачи во Општина Шуто Оризари, поради постапување спротивно на Изборниот законик и Кодексот за набљудување.
Како што информира претседателот на ДИК, Борис Кондарко, станува збор за лица кои агитирале пред гласачки места во училиште, иако биле акредитирани како набљудувачи. Меѓу нив се и поранешни кандидати за градоначалник и советници – Елвис Бајрам, Сеат Исмаил, Валентина Бајрам, Шабан Бајрам, Габриел Бајрам, Решад Сокол, Ќамуран Реунаред и Алмир Сали.
По утврдената злоупотреба, ДИК го известила МВР и наложи избирачките одбори во Шуто Оризари да не им дозволуваат влез во гласачките места и објектите на гласање.
На седницата Комисијата решаваше и по два приговори за остварување на правото на глас. Во двата случаи е утврдено дека подносителите се запишани во Избирачкиот список и можат да гласаат до затворање на избирачките места.