До утре е рокот во кој Општинските изборни комисии (ОИК) треба да ги достават до Државната изборна комисија (ДИК) потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници за претстојните локални избори.
Најдоцна на 22 септември, ДИК и ОИК ќе ги известат овластените претставници за одржување на жрепката. Жрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и ДИК ќе ја одржи најдоцна на 23 септември.
Иако од последнот изборен циклус во земјава (парламентарните избори на 15 јули 2020 година) поминаа 14 месеци, политичките партии се досега не постигнаа консензус за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои, пак, сега се посочуваат како аргументација за тоа што Изборниот законик се менува по повеќе од еден месец од распишувањето на изборите (на 7 август) и на 12 дена пред почетокот на кампањата за новите (локални) избори, а откако се доставени кандидатските листи за советници и за градоначалници на 80 општини и градот Скопје.
Сите државни институции се задолжени до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за сите моторни возила со кои располагаат, за да има ДИК увид во нивното користење за време на изборите и спречување евентуални злоупотреби.
– Се воведува обврска за која го пропишуваме рокот најдоцна до 25 септември до 24 часот, сите службени органи и институции што располагаат со возила да ги достават податоците до ДКСК, со цел увид во нивното користење за време на избори и спречување евентуални злоупотреби. За сите радиодифузери, печатени медиуми и портали, кои се регистрирани за платено политичко рекламирање во ДИК, остануваат нивните регистрации, а за оние што го пропуштиле рокот, се определува нов рок за регистрација. Тој рок ќе почне на 17 септември и ќе трае до 19 септември, заклучно со недела, до 24 часот, рече Кондарко.
Со измените во Изборниот законик, се предвидува да можат да гласаат и лица на кои им истекол рокот на важност на лични карти, а кој рок истекол од денот на распишување на изборите до денот на нивно одржување, што значи од 6 август до 30 октомври.
Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври 2021 година. Изборната кампања за првиот круг на гласање почнува на 27 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 15 октомври. Кампањата за вториот круг на гласање, пак, трае до 24:00 часот на 29 октомври.