Димитриевски: ЗНАМ ќе го зголеми капацитетот на затворите и има план да ја крене Македонија од пепел

од Stefanija Kuzmanovska
252 прегледи

Отворање на нови капацитети во затворите и поставување на информативна табла за јавниот долг на државата ќе бидат првите два проекти на коишто ќе работи идната влада предводена од движењето ЗНАМ доколку ја добие поддршката од граѓаните, изјави лидерот на овој политички субјект и градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски во вчерашното гостување во „Само вистина“.

„Првиот проект ќе биде дополнување на капацитетите на затворите и тоа на затворот во Скопје во Идризово, затворот во Струмица и уште градба на два нови затвори. Едниот ќе биде сигурно лоциран во Кичево и другиот ќе се договориме со идните коалициони партнери. Откако ќе ги наполниме тие затвори, вториот проект ќе биде ќе ставиме табла со информација колку е јавниот долг на Македонија и колку пари се имаат истрошено до сега во Македонија и зошто. Потоа ќе излеземе со сериозните партнери и ќе направиме стратешки план како ќе ја креваме Македонија од пепел бидејќи Македонија во моментот е спуштена на дното, а молкот е повеќе од срам“, потенцираше Димитриевски.

Ова за Димитриевски е економски проект бидејќи, како што вели тој: „на тој начин ќе се потрудиме тие коишто ги украдоа парите од оваа држава да не побегнат надвор како што побегнаа многу, а власта им го дозволи тоа“.

Димитриевски остро реагираше и на ставовите на Меџити, кој иницираше дека доколку нема уставни измени нема да има ниту влада, особено што во таа влада како услов мора да има партија од албанскиот блок, на што Димитриевски му одговори:

„Ние во Куманово велиме ‘И без петла свануе’. Ако дојде до такво нешто, ќе има влада која ќе ја состават македонски политички партии, мнозинство, со претходно потпишување декларација, која што ќе ја поддржат истите и ќе дадат секогаш отворена врата на политички субјект што доаѓа од друга етничка заедница да се приклучи во рамките на поддршката за сите плански програми коишто ќе ги понудиме на граѓаните на избори. Ние имаме Устав, закони и позитивни прописи во државата и се водиме по нив. И јас и вие сме исти пред законот. Јас посакувам да партиципираат во владата претставници од сите етнички заедници. Ние креираме мултиетничко општество, но во ниту еден момент ЗНАМ нема да дозволи некој да уценува со одредени пристапи и присилно да наведува некого. Државата без народот е ништо. Но, ако правата на најголемото мнозинство во државата, а тоа е македонскиот народ којшто живее овде не се почитуваат, тогаш сме во сериозен проблем. Ние до вчера зборувавме дека Албанците не сакаат да живеат со Македонците, така беше наративот. Денеска се поставува едно многу битно прашање: Што ќе се случи со државата ако македонскиот народ го каже поинаку?“, порача Димитриевски.

Слични содржини