Димитров: Мерките на Владата треба да ги опфаќаат само компаниите кои имат огромен раст на цените на суровините и енергенсите

од Vladimir Zorba

Соочена со неизвесност и удари од сите страни, домашната економија го има и проблемот со планирањето на идниот развој. Токму оваа негативност е, според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите (ОРМ) најголема, бидејќи компаниите не можат да планираат на долг рок кои ќе бидат цените на влезните суровини, па со тоа и да ги пресметаат цените на сопствените производи.

Друг проблем е што сите мерки за смалување на инфлацијата водат кон намалување на економскиот раст и можност од стагфлација што значи нулта раст и раст на цените .Во вакви услови,владината помош треба да биде внимателно осмислена.

„Мерките за помош на стопанството треба да бидат таргетирани и да ги опфаќаат само компаниите кои имат огромен раст на цените на суровините и енергенсите, а од некои причини не се во можност овие зголемени импути да ги пренесат на купувачите. Во спротивно ако мерките ги опфаќаат сите компании, тоа ќе бара дополнителни буџетски средства и ќе ја стимулира инфлацијата“,вели Димитров за „Локално“.

Оттука, според него, компаниите кои ќе успеат зголемените трошоци за суровини и енергенси да ги пренесат на купувачите преку зголемување на цените, не треба да имаат проблем со опстанокот и со задржување на вработените

Како доволна ја оценува мерката-продолжување на субвенционирање на растот на платите и по месец Октомври кога престанува важноста на законот, затоа што, како што посочува,  нејзиното непродолжување многу негативно ќе се одрази на ликвидноста на компаниите кои веќе ги имаат покачено платите на вработените за да ги усогласат со големиот раст на минималната плата.

„Свесни сме дека можностите во буџетот се ограничени и секое негово зголемување преку нови задолжувања многу негативно ќе се одрази на иднината“, вели Димитров. 

Во ситуација кога прекинаа мерките за ограничување на цените, кога сме соочени со незапаметена инфлација во последните 30 години, опасност од стагфлација и се подлабока економска криза , домашната економија е под сериозен удар. Каков нов сет антикризни мерки сега му се потребни на стопанството? 

-Најпрвин мораме да сфатиме дека инфлацијата е резултат на зголемената побарувачка на стоки и производи  во услови кога поради корона кризата негативно влијаеше на производството и ја намали понудата. Значи преку инфлацијата пазарот ја „пегла“ неусогласеноста на понудата и побарувачката. Ова значи дека инфлацијата по дефиниција не значи пад на економската активност, дури одредена умерена инфлација може позитивно да влијае на развојот. Но таа носи и одредени негативности во поглед на губење на вредноста на валутите и пад на стандардот на населението, бидејки по правило во услови на индексација, платите ја губат битката со растот на цените. Најголемата негативност е несигурноста и проблемот да се планира идниот развој. Компаниите не можат да планираат на долг рок кои ќе бидат цените на влезните суровини, па со тоа и да ги пресметаат цените на сопствените производи. Друг проблем е што сите мерки за смалување на инфлацијата водат кон намалување на економскиот раст и можност од стагфлација што значи нулта раст и раст на цените.

Што се однесува на мерките за помош на стопанството тие треба да бидат таргетирани и да ги опфаќаат само компаниите кои имат огромен раст на цените на суровините и енергенсите, а од некои причини не се во можност овие зголемени импути да ги пренесат на купувачите. Во спротивно ако мерките ги опфаќаат сите компании, тоа ќе бара дополнителни буџетски средства и ќе ја стимулира инфлацијата.

Како да се реагира на ценовното цунами, да не се затворат погоните, да не се отпуштат вработените, да не прекинат договорите со странство…? Има ли нешто со што барем ќе се ублажат состојби

-Како што реков, компаниите кои ќе успеат зголемените трошоци за суровини и енергенси да ги пренесат на купувачите преку зголемување на цените, не треба да имаат проблем со опстанокот и со задржување на вработените. Но секако треба да се помогне на оние компании каде имаат зголемени цени на суровините од една страна а законски им е забрането да ги покачуваат цените.

Дали како работодавачи веќе правите листа на мерки за помош кои ќе ги предложите на Владата?

-Како Организација на работодавачи досега излеговме само со мерката-продолжување на субвенционирање на растот на платите и по месец Октомври кога престанува важноста на законот, затоа што неговото не продолжување многу негативно ќе се одрази на ликвидноста на компаниите кои веќе ги имаат покачено платите на вработените за да ги усогласат со големиот раст на минималната плата. Исто така бараме олеснување на процедурите за изградба на соларни панели, бидејки со нивната изградба ќе го намалиме ударот од огромното зголемување на цените на струјата. Свесни сме дека можностите во буџетот се ограничени и секое негово зголемување преку нови задолжувања многу негативно ќе се одрази на иднината.

Дали и во колкава мера треба да реагира централната банка?

-Централната банка веќе реагираше преку зголемување на каматите на благајничките записи и ако инфлацијата продолжи да дивее, ќе мора да ги зголеми стапките на задолжителната резерва на банките, што може да влијае на зголемување на каматната стапка на кредитите кои банките ги одобруваат на населението и компаниите. Затоа не треба да измислуваме економска “алхемија” туку внимателно и чекор по чекор да ги применуваме мерките за намалување на инфлацијата, за да не го урнисаме и онака скромниот економски раст.

Со оглед на периодот потребен за нивно креирање и усвојување, јасно е дека примената на евентуално нов пакет мерки нема да започне пред септемрви.Како и дали ќе преживее бизнисот до тогаш?

-Сметам дека и да дојде до закаснето усвојување на предоожените мерки ова не би се одразило катастрофално на компаниите и бројот на вработените, затоа што првиот удар на инфлацијата го издржаа и оние компании кои имаа законски ограничени цени и смалени маржи.

Владата веќе се изјасни дека мерките тешки 76 мил.евра, со субвенции за плата, пензии и земјоделци, ќе бидат донесени веднаш по ребалансот, но нема да бидат сеопфатни туку таргетирани за најзагрозени компании и целни групи.На кои компании се мисли? Дали на некои повеќе им треба помош?

-Тоа се компаниите кои заради заштита на стандардот на населението имаа замрзнати цени и компании каде учеството на енергентите во вкупните трошоци во работењето е големо.

Колку ваквите состојби го одалечија македонското стопанство од европските патеки? Веќе никој не зборува за модернизација, за практична едукација на младите, туку за скапа струја, за зачувување на синџирот на снабдување 

-Не сметам дека проблемите со Ковидот, растот на цените на енергентите, растот на цените на некои прехрамбени продукти ја одалечија Македонија од Европа, затоа што и европските земји ги имаат истите проблеми и тие ги коригираа своите планирани стапки на раст. Се разбира инфлацијата не е секаде иста и по правило земјите кои потрошија поголеми средства за одржување на економијата во време на Ковид кризата и земјите кои се повеќе зависни од руската нафта ќе имаат поголема инфлација. И ние спагаме во оваа категорија затоа што по падот на економијата во 2020 година од 6,1% и растот во 2021 од 4,1% на почетокот на 2022 имавме помал БДП за 2% во однос на 2019 година, од друга страна за овој период имаме раст на реалната лична потрошувачка за 2,3%. Ова значи дека во иднина растот на платите и разните субвенции со кои се зголемува побарувачката мора да го прати растот на продуктивноста, во спротивно ќе ја засилиме инфлацијата уште повеќе.

К.В.С.

Слични содржини