Димитров: Со нула гласови против, шпанскиот Сенат го ратификуваше протоколот за НАТО

од Aleksandar Todeski
311 прегледи

Со нула гласови против, шпанскиот Сенат го ратификуваше Протоколот за НАТО. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам од мое име и од името на Владата што и во вакви, тешки услови го ратификуваа Протоколот, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров по ратификацијата на Протоколот за влез на С. Македонија во НАТО во шпанскиот Сенат.

„Шпанија е последна, 29 земја која го ратификуваше Протоколот, со што заврши процесот за ратификација кај сите сојузници. Шпанија ќе го депноира инструментот на ратификација во Стејт департментот, а Вашингтон ќе испрати информација во Брисел и официјално ќе бидеме поканети и ние да го депонираме веќе ратификуваниот Протокол. Со тоа завршуваме еден тридецениски процес, напор, стремеж, да бидеме дел од Северноатлантското семејство“, рече Димитров.

Тој се заблагодари на сите земји членки за поддршката во овој процес. Министерот истакна дека членството на земјава во НАТО ќе значи поголема регионална стабилност и појака трансалантска врска.

„Со тоа сме поинтересни и за странските инвеститори. Нашето членство има поголемо значење во време кога имаме закана од еден вирус, кој може да се победи само со заедништво. Сакам да им честитам и на македонските граѓани за овој успех што дојде како резултат на истрајност и решителност, на храбри одлуки и посветеност. Членството во НАТО е потврда дека земјата е на вистинскиот пат во градењето на цврсто, стабилно и демократско општество и е инвестиција во идните генерации“, нагласи Димитров.

Слични содржини