Донесени се законски измени за зголемување на грантот за младите земјоделци до 40 годишна возраст од 10 на 20.000 евра. Со ова им овозможуваме на младите земјодлеци да почнат свој бизнис и да останат во земјата, изјави членот на Централниот одбор на СДСМ, Трајан Димковски на граѓанската трибина под мотото „На прав пат“ во Валандово.
„Законот за вино сега дава живот на мали винартии. Сега е во изработка Правилникот, со кој лице може да произведува до 50.000 литри вино може да отвори винарија со средно образование, а до 100.000 литри производство може да има енолог по договор“, рече Димковски
Ова има за цел виното да не останува по подруми, туку да се продава, бидејќи 25-30 милиони евра се во подрумите, додаде Димковски.
„Воведовме збирно градинарско производство, а тоа значи дека и најмалите со 0,2 хектари може да аплицираат за градинарско производство и воедно тоа не мора да биде една култура ,туку повеќе“, порача Димковски.
Тој истакна дека дадените ветувања се исполнуваат , како ветувањето за зголемувањето на субвенциите во индустриското производство за градинарски култури и тоа од 2 на 3 денари по килограм, потоа, зголемување на субвенциите од 30 на 36 000 денари по хектар за оние од 1-5 хектари, а благодарение на спроведените мерки , оваа година немаше потреба од воведување на интервентни мерки.
„Вкупното земјоделско производство во државата е 860 милиони евра , од кои 560 милиони се извоз , а останатите 360 се на домашен пазар“, соопшти Димковски на граѓанската трибина под мотото „На прав пат“ во Валандово.