Џафери денеска се очекува до Собранието да го достави составот и програмата на идната техничка влада

од Vladimir Zorba

Мандатарот на идната техничка влада, Талат Џафери денеска се очекува до Собранието да го достави составот и програмата на идната техничка влада. Според најавите, пленарната седница за избор на преодната влада треба да се одржи во недела, но од собраниската прес-служба, поточни информации за терминот за одржување на седницата најавуваат за денес попладне.

Техничката влада се избира на 100 дена до парламентарните избори закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.

Вчера, Собранието во рамки на 139. седница ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а во рамки на седницата пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието.

Вчера и шефот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната Влада, а по добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

-Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата, рече Џафери, изразувајќи надеж дека преговорите ќе кулминираат со соодветен состав на Владата.

Слични содржини