Џафери порача „Среќна Нова 49“ за резолуцијата на власта за мигрантите и го нарекуваше „вожд“ спикерот Гаши

-Вожде, како вие констатиравте дека опозицијата свесно шири манипулации и лаги, праша Џафери од собраниската говорница

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Принтскрин

Пратеникот од ДУИ и поранешен собраниски спикер, Талат Џафери предложи да се тргне од дневен ред точката Резолуција за осудување на опозицијата дека зборувала за прифаќањето на мигранти од Британија и изградба на мигрантски населби во Македонија за нивно прифаќање. Тој своето обраќање од собраниската говорница го почна со зборовите „Среќна Нова 1949 година“. Притоа го нарекуваше претседателот на Собранието, Африм Гаши со зборот „вожд“.

Колку за потсетување, во една од точките на Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува:

„СЕ ПОВИКУВААТ сите политички субјекти и јавни чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир“.

-Вожде, вие оценивте дека се што ќе каже опозицијата е лага и манипулација? Тоа е цензура, кажа Џафери и додаде:

-Вожде, како вие констатиравте дека свесно опозицијата шири манипулации и лаги? Ова е класика за непочитување на уставната определба на поделба на власт и ова е очигледно мешање на Собранието во извршната власт. Со кое право вие може да поништите одлуки на Влада? Во најмала рака, тука се сведуваат и договорите на Владата кои се ратификувани во ова Собрание, рече Џафери.

По ова, Собранието гласаше и предлогот на Џафери беше одбиен.

ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалициите ВРЕДИ и ЗНАМ, поднесе резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и потврда на политиките против нелегалната миграција. Резолуцијата, составена од девет точки, има цел да стави крај на шпекулациите за прифаќање мигранти и изградба на кампови во државата, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оваа резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат преговори за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни – ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Темата за мигрантите останува предмет на политички препукувања меѓу двете најголеми партии, без официјална одлука донесена на собраниско ниво.