Џафери: Со Националната развојна стратегија го трасираме развојниот пат на Северна Македонија во следните две децении

од Radmila Tasevska

Во Владата денеска се одржала конститутивна седница на Националниот совет за развој, како дел од управувачката структура за Националната развојна стратегија која опфаќа економски, социјални, еколошки и културолошки аспекти на развојот на нашата држава во следните две децении.

Во рамки на стратегијата се утврдени шест стратешки области со стратешки цели и приоритети за секоја од нив.

– Националната развојна стратегија, ја отсликува инклузивноста на нашата држава. Овој процес се подготвуваше скоро три години, во што учествуваа  околу 14 000 граѓани, повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1000 млади и членови на младински организации, рекол на седницата техничкиот премиер Талат Џафери.

Тој истакнал дека со Националната развојна стратегија, се отвораат можности, но и се создаваат капацитети за отпорност на општеството за справување со зголемената несигурност и ризици во светски рамки, како и за справување со глобалните трендови, како што се климатските промени и дигиталната трансформација.

-Стратегијата значи општествен консензус за тоа кои се нашите државни интереси и како истите ќе ги постигнеме. Сите овие заложби се во согласност со аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, но исто така силно ја демонстрираат и посветеноста кон постигнување на Целите за одржлив развој. Стратешкиот документ ќе нѝ ја даде потребната јасност и визија за развојните цели на нашето општество. Сега треба да вложиме напор и придонес сите ние, заедно, за иднината на нашата држава, навел Џафери.

Подготовката на Националната развојна стратегија почна во јануари 2021 година, на иницијатива на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и со учество на Министерството за финансии. Се спроведува со експертска и техничка помош од УНДП, во координација со Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, Амбасадата на Обединетото кралство и Амбасадата на Република Словачка.

Од Владата  во соопштение информираат дека по спроведен интензивен консултативен процес, донесен е Законот за Национална развојна стратегија од страна на Собранието на 6 февруари годинава, со поддршка на пратениците од власта и опозицијата од речиси сите политички партии кои се застапени во законодавниот дом.  Одлука за формирање на Националниот совет за развој, како дел од управувачката структура за Националната развојна стратегија е донесена на седница на Владата на 13 февруари, а на 20 февруари и Решение за именување на членови на Националниот совет за развој.

Слични содржини