„Џентлменство“ во предизборието: „Билет за влез на премиерската функција за Мицкоски ќе биде отворањето на Уставот“

од Nikola Popovski
504 прегледи

Пред неколку месеци партиите на Албанците во земјава потпишале документ т.н. џентлменски договор, со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од владата без јасен договор за уставни измени. Ова го изјави кандидатот за претседател од Европскиот фронт предводен од ДУИ, Бујар Османи. Доколку стане шеф на државата, рече дека прва работа што ќе ја направи ќе биде да ги свика лидерите на политичките партии на состанок, на кој нема да излезат додека не се постигне државен консензус. Истото го порача и неговиот противкандидат од албанскиот блок, Арбен Таравари. Смета дека земјава нема друга алтернатива за европскиот пат, освен преку носење на уставните измени. Тој ќе бара гаранции од европските политичари дека ќе нема нови условувања на европскиот пат, како и динамика за промените на преамбулата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ова го смета како предизборен фолклор. Тој е дециден дека уставните измени нема да бидат вклучени во преговорите за влада, а условите на сите партии ќе се диктираат по 8 мај. Од неговата партија остануваат на претходниот став дека доколку Бугарија сака какво било придвижување во однос на ова прашање, мора да ги спроведе пресудите на судот во Стразбур.

Пишан или џентлменски договор? 

Дел од аналитичарите се на ставот дека нови услови се непотребни. Новинарот и аналитичар на состојбите, Дритон Зенку е дециден дека нема потреба од џентлменски договор.

Дритон Зенку

-Ставот на албанските политички субјекти е јасен и природно е унифицирана. Не верувам дека постои албанска партија која доволно ќе го менува својот пристап за да влезе во владата. Одговорот на албанскиот електорат една година подоцна на локалните избори би бил фатален за тие партии, истакнува во разговор за „Локално“.

Според Зенку, уставните измени ќе се случат со или без Мицковски, а времето ќе покаже подобро.

-И во друга прилика сум кажал дека колегите од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието им кажале на пратениците Албанци дека промените ќе се случат, но сега пред избори. Ставот на Таравари е единствен став на албанските субјекти: нема влада без прво да се извршат уставните измени, посочува соговорникот.

За ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека тоа е добро познат став на Мицкоски и претставува став за изборна политика.

-Мицкоски ќе биде пред завршен чин по изборите. Или ќе ги направи уставните измени или ќе му го препушти патот на Ковачевски. Составот на пратениците ќе биде во таков формат, што билет за влез на премиерската функција за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде отворањето на Уставот, оценува Зенку.

Од здружената албанска опозиција велат дека таков пишан документ не постои. Според, Орхан Муртезани од коалицијата „ВРЕДИ“, опозицискиот фронт останува на ставот дека би влегле во владина коалиција со партии што ги поддржуваат уставните измени. Но, оттаму не истакнаа дека го условуваат самото составување на Владата со промената на Уставот, со што евентуално ја оставија отворена можноста тоа да се случи по формирањето на Влада.

Во врска со предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени, првиот вицепремиер и член на СДСМ, Бојан Маричиќ посочи дека тоа не се реални предлози, туку за замајување на јавноста тие заблуди на ВМРО-ДПМНЕ скапо ќе бидат платени.

„Единствен начин да ги тргнеме крупните прашања со Бугарија од маса е да ги завршиме уставните измени. После тоа Бугарија нема да има политичка сила и разбирање да наметне второ вето на било кое прашање. Затоа што во текот на разговорите ние бевме прашани од французите кое е за нас најважното прашање. А ние одговоривме да не се разговара за темата македонски јазик, и се прифати така како што е македонски јазик, без фусноти и додавки, и да покаже Бугарија дека нема против, со тоа што ќе го потпише ФРОНТЕКС на македонски јазик, што и се случи,“ рече Маричиќ.

Н.П.

Слични содржини