Џоана: На БиХ е да одлучи за својата иднина и членството во НАТО

од Radmila Tasevska

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, денеска во Сараево изјави дека Босна и Херцеговина сама треба да одлучи дали ќе стане членка на НАТО.

-На вас зависи да одлучите за вашата иднина, а во НАТО секогаш ќе имате пријател кој ќе ви помогне да ги постигнете вашите евроатлантски цели, рече Џоана за време на посетата на касарната на вооружените сили на БиХ во Рајловац кај Сараево.

Тој посочи дека безбедноста на Босна и Херцеговина е важна за Западен Балкан и за цела Европа, додавајќи дека посетата на делегацијата на НАТО на Сараево е „многу важна и за политичкиот дијалог и за практичната соработка“.

Тој изјави дека вооружените сили на БиХ се една од најважните мултиетнички институции и оти поминале низ извонредна трансформација од нивното формирање, нагласувајќи дека НАТО секогаш ќе биде пријател на Босна и Херцеговина.

Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез рече дека „НАТО е во БиХ и дека БиХ сака полноправно членство во НАТО“.

-Интеграциите во НАТО немаат резерви, тоа е нашата единствена надворешнополитичка цел, кога станува збор за воено-политичките интеграции, додаде Хелез.

За полноправно членство на БиХ во НАТО се противат политичките претставници на Република Српска, кои сметаат дека БиХ треба да ја задржи воената неутралност.

Слични содржини