ДКСК со иницијатива до Заев да утврди одговорност кај Анѓушев за акцизите на литиум јонски батерии

од Ивана Рамаданова
238 прегледи

Државната комисија за спречување на корупција на денешната 24 седница со четири гласа „за“ и два „против” донесе одлука за поднесување иницијатива до премиерот Зоран Заев за отворање постапка за утврдување одговорност против вицепремиерот Кочо Анѓушев, при носењето на владината одлука за намалување на акцизата за увоз на литиум јонски батерии.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, образложи дека врз основа на добиената документација и интервјуто направено со Кочо Анѓушев, предметот може да се подели во две фази. Во првата фаза има барање од фирмата „Брако“ да се намали или укине давачката за литиумски батерии до Стопанска комора, а во втора фаза доаѓа писмо за интерес за странска инвестиција проследено до повеќе институции, што произлегува од остварена средба на Анѓушев со полската фирма „Полмод“, што би била извезувач на овие батерии.

„Лицето Кочо Анѓушев поднел известување до Влада дека се иззема од расправата за мерката во првата фаза, но ова лице нема поднесено изјава за изземање во втората фаза, каде има приватен интерес“, изјави Ивановска.

На одржаната 36 седница на Влада, продолжи Ивановска, каде се разгледува одлуката Анѓушев е присутен и учествува со давање свој предлог како да се дополни за точката биде прифатена.

„Констатирам дека Анѓушев се наоѓал во судир на интереси и предлагам да се достави иницијатива до премиерот на Влада за покренување постапка бидејќи учествувал во расправа во која имал приватен интерес и не се изземал“, изјави Ивановска.

Некои од членовите на ДКСК, кои гласаа против, посочија дека не се сосема убедени дека постои прикривање и злоупотреба. Според нив, Анѓушев не го прикривал и го пријавил постоењето на судир на интереси, и одговорноста за негово исклучување од седницата е на тој што ја водел расправата и службите, кои требале да го предупредат.

Слични содржини