ДО 13 ЧАСОТ ГЛАСАЛЕ 23,81 ОТСТО: Најголема излезност од скопските општини има во Карпош и Аеродром

од Берта Китинска
235 прегледи

До 13 часот излезноста на предвремените парламентарни избори е 23,81 отсто од обработени 3.368 избирачки места на кои гласале 432.026 граѓани, соопшти Државната изборна комисија на попладневната прес-конференција.

Според податоците на ДИК, најголема излезност има во Третата изборна единица, а најмала во Шестата изборна единица.

Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани информира дека во Првата изборна единица излезноста е 27,09 отсто, во Втората изборна единица 21,64, во Третата 28,92, во Четврата 27,45, во Петтата 23,11 и во Шестата изборна единица 15,58 отсто.

До ДИК до овој момент, како што информира Шабани, нема пристигнато никаков приговор или најава за нерегуларности.

Најголема излезност во Првата изборна единица има во Карпош – 31,25 отсто и во Аеродром – 30,15 отсто.

Во Втората изборна единица се издвојува Македонски Брод каде излезноста е 35,04 отсто, како и општините Гази Баба – 22,88 отсто и Ѓорче Петров – 28,54 отсто.

Во Третата изборна единица поголема излезност е забележана во Крива Паланка – 41,07 отсто, Пробиштип – 35,29, Пехчево-33,02 и Берово – 32,49 отсто.

Во четворката најголема излезност има во Неготино-33,42 отсто и во Прилеп – 32,47 отсто, додека во петката излезноста е најголема во Вевчани – 39,86, како и во Крушево-37,84 и Битола со 31,19 отсто.

Во Шестата изборна единица се издвојува Тетово со 19,11 отсто и Општина Јегуновце со 17,05 отсто.

На парламентарните избори во 2016 година одѕивот до 13 часот излезноста била 34,37 отсто, односно гласале 601.230 гласачи, а на претседателските избори лани до 13 часот одѕивот бил 20.52 отсто или гласале 369.201 лице со право на глас.

Следната прес-конференција на ДИК е закажана во 15.30 часот.

Слични содржини