Додека целиот свет гледа кон Украина, Путин се пресметува со својот најголем непријател

од Nikola Popovski

Додека цел свет ги следи настаните во Украина, во Русија започна новото судење на опозиционерот Алексеј Навални. Доколку биде осуден, човекот кој важи за најголем критичар на рускиот претседател Владимир Путин може да добие уште десет години затвор.

Лидерот на руската опозиција е обвинет за проневера на донации од неговата антикорупциска организација ФБК, која го обвини рускиот претседател дека поседува вила вредна милијарда долари и други високи функционери кои се збогатуваат преку корупциски шеми.

Навални ги негираше обвинувањата и ги нарече политички мотивирани.

Новото судење за проневера започна во вторникот во казнената колонија ИК-2, каде Навални ја отслужува постојната затворска казна. Ова место е на три или четири часа возење од Москва, што сериозно ја ограничува можноста на поддржувачите и набљудувачите да присуствуваат на сослушувањата.

Навални веќе отслужува казна од три и пол години затвор за посебно обвинение за проневера. Тој преживеа обид за труење во 2020 година и беше уапсен откако минатата година се врати во Русија, пренесува Гардијан.

„Властите сакаат да го скријат од сите, од неговите поддржувачи, од новинарите. Толку е мизерен што се плашат да одржат судење во Москва“, напиша неговата сопруга Јулија Навалнаја во објава на Инстаграм пред судењето.

Новинарите велат дека на оние кои сакале да влезат во судницата им било забрането да внесуваат лаптопи, телефони или уреди за снимање.

Тој е обвинет и за непочитување на судот за наводна навреда на судија за време на претходното судење.

Слични содржини