Додик: Ако Трамп победи на изборите, Република Српска би можела да прогласи независност

од Stefanija Kuzmanovska
245 прегледи

Лидерот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека очекува победата на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД да ја отвори вратата за прогласување независност на Република Српска, додавајќи дека властите на тој ентитет не се откажале од таквата цел и покрај предупредувањата од Западот.

Во интервјуто објавено во понеделникот од рускиот провладин весник „Известија“, Додик навел дека „БиХ исчезнува“ и затоа РС ќе бара начини да ја зајакне својата независност.

„Ние чекаме некои големи сили да кажат дека српскиот народ има право на самоопределување. Никогаш не се откажавме од потребата да ја зајакнеме нашата Република Српска“, изјавил Додик, додавајќи дека ентитетот нема да ја пропушти можност да го заштити својот статус „на мирен начин“.

„На пример, ако се случи Доналд Трамп да победи на претседателските избори во САД, може да се појават одредени услови тоа да се случи. Тоа сепак може да се случи. Мислам дека е погрешно да се каже дека тоа никогаш нема да се случи“, вели Додик.

Во интервјуто, објавено точно две години откако Русија започна освојувачка војна против Украина, Додик отворено ја бранел политиката на Москва и се залагал за продолжување на кампањата против Украина, вклучувајќи го и тврдењето дека Русија има целосно право на Крим „кој никогаш не бил украински“.

„Верувам дека Русија не треба да го остави ова прашање недовршено. Ако прашањата во кои и понатаму се мешаат западните сили останат недовршени, позицијата на Русија ќе ослабне“, порача Додик.

Слични содржини