Договорени олеснувања за превозниците и возачите од Македонија и Црна Гора

од Nikola Popovski
185 прегледи

За време на билатералната средба во Скопје на мешовитата комисија меѓу Министерството за транспорт и поморство на Македоноија и Министерството за транспорт и врски на Црна Гора, постигнат е договор за вршење на билатерален и транзитен товарен транспорт меѓу двете земји, без дозволи.

-Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период, информираа од нашето Министерство за транспорт и врски.

До сега, двете земји врз база на реципроцитет  разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.

– Делегациите се договорија дека меѓусебно ќе ги признаат сертификатите за почетна професионална квалификација на возачи, забрзана и периодична професионална квалификација, издадени во двете земји, стои во соопштението на црногорското Министерство.

Шефовите на делегациите Далибор Милошевиќ и Сашко Едровски го потпишаа протоколот со кој се потврдуваат заклучоците од средбата.

Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.

Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.

Слични содржини