Во 1990 година требаше Југославија да биде примена во ЕУ. Но тоа не беше направено. Истата грешка беше направена и во 2000, вели италијанскиот новинар Клаудио Герардини.

Овој новинар и хуманитарен работник во последните 30 години известувал од најзначајните настани во Европа, меѓу кои и поделбата на Чехословачка и падот на Берлинскиот ѕид. Тој исто така смета дека меѓународната заедница е само термин, бидејќи ништо не направила да ја спречи војната во Босна и Херцеговина.
Тој за Дојче веле тврди дека француската влада, на почетокот на конфликтот во СФРЈ, негувала симпатии кон Србија, а германската кон Хрватска, додека БиХ била препуштена сама на себе.
За време на престојот во Хрватска и БиХ Герардини известувал за медиумите на италијански јазик. Колку верува дека придонел јавноста во Европа да се заинтересира за војните во поранешна Југославија?
„Би кажал дека ситуацијата во таа смисла беше различна во секоја земја во Европа. Влијание немаа само медиумите. Огромно влијание имаше она што го кажуваа интелектуалците. Во Франција интелектуалците беа на страната на Босанците, во Германија некои ја поддржуваа Србија. Во Велика Британија помалку се истакнуваа интелектуалците, но затоа пак Би-би-си ги имаше најдобрите извештаи за балканските војни.
Би кажал дека Италија добро ја разбираше Југославија многу пред да почне војната. Еден ден по Титовата смрт во весникот Кориере дела сера беше објавен текст во кој пишуваше: „Ако не бидеме внимателни, во Југославија ќе се случи масакр“. Сепак, кога почнаа конфликтите во поранешна Југославија, Италијанците повеќе не разбираа што се случува таму“, вели тој.
Според Герардини, европските земји не направиле доволно да ја спречат војната во Босна и Херцеговина.
„Меѓународната заедница е термин кој е прифатен и кој многу се користи во медиумите. Во БиХ веруваа дека таа прекрасна заедница ќе го спаси светот, па и БиХ. Тоа беше голема илузија. Митеран замина во Сараево и кажа дека Босанците ќе бидат заштитени. На крајот ништо не беше направено. Па и во Сребреница можеше да се види што се случува и што ќе се случи. Значи, БиХ секогаш беше под будно око, но никогаш ништо не беше направено за да биде спасена. Како да се мислеше дека нештата ќе се средат сами од себе. Последната шанса да се спаси БиХ беше Сребреница. Тоа не беше направено и војната набрзо потоа беше готова“, вели италијанскиот новинар.
За него Дејтонскиот договор е „ужасен“ бидејќи со него БиХ е поделена и „парализирана“, а единственото решение за неа е влез во ЕУ.
„Додик постојано повторува дека БиХ не постои. Во Федерацијата БиХ Бакир Изетбеговиќ не пропушта прилика со изјавите да предизвика уште поголем хаос, Хрватите сакаат своја држава и тврдат дека католиците ќе ги снема од БиХ. Покрај ова, сиромаштијата е огромна во таа земја. Тоа влијае и врз образованието на луѓето, а популизмот и демагогијата се хранат со незнаењето на народот. Корупцијата е огромна. Затоа единственото решение за БиХ е влез во ЕУ“, вели за Дојче веле Клаудио Герардини.
Тој тврди дека Европа направила „две огромни грешки“, во 1990 и 2000 година.
„Уште во 1990 година, кога се наѕираше војната, требаше да се прими Југославија во ЕУ, да се влијае врз оние што сакаа да се одвојат и да бараат влез во ЕУ. Но тоа не беше направено. Ако тогаш се разгледуваше можноста Унгарија, Романија и Бугарија да влезат во ЕУ, што и се случи, тогаш требаше да се примат сите земји од поранешна Југославија. ЕУ сѐ до 2004 година беше во многу подобра состојба и многу поотворена од денес“, истакнува тој.
И покрај кризата, Европа „нема право да се откаже од своите обврски“, тврди Герардини. „Влегувањето на БиХ, Србија, Црна Гора и Македонија во ЕУ е единственото вистинско решение. Алтернатива едноставно нема. И покрај сѐ, јас сѐ уште имам надеж“, заклучува италијанскиот новинар.