Во првата недела од јануари двојно зголемен број на заболени од грип. Најмногу има во Скопје. Најголем број од заболените се од 15 години до 64 години.
Сезонскиот пик на новозаболени надлежните го очекуваат во втората половина на овој и првата половина на следниот месец. Прашана дали поради пикот што се очекува во втората половина на јануари, ИЈЗ би можел да препорача одложување на почетокот на второто полугодие од школската година, директорката Марија Андоновска кажа дека тие како Институт ја следат состојбата и доколку оценат дека бројот на заболени е превисок, може да дадат таква препорака, но на другите надлежни институции, односно на Минисерството за образование и наука е да донесе одлука.
„Ние сега забележуваме дека има зголемување, но тоа е според нас очекувано во овој период. Секако како Институт ќе продолжиме да бележиме дали има пораст во иднина и на неделно ниво да известуваме. Доколку оцениме дека бројките се превисоки, ние можеме да дадеме препорака да се донесе некаква мерка. Секако доколку го забележиме тоа ќе превенираме, барем ќе дадеме препорака, а понатака ќе видиме што ќе биде одлучено“, кажа директорката на ИЈЗ во изјава за медиумите.
Според последните податоци на ИЈЗ во текот на првата недела од 2026 година имало 1.725 заболени од грип, што е за 2,2 пати повеќе од претходната недела, кога имало 771 пациент.