Доколку се потпише договорот со Србија, „ќе купуваме гас најмалку три до четири пати пониски од цените на берзата“, информира синоќа министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој објасни дека Северна Македонија за купување гас преговара со „Србијагас“, а не со „Газпром“ и прецизира дека во случај да се постигне договор, Северна Македонија во замена за тој поевтин гас ќе ја снабдува Србија со струја по поволни поволни цени.
„Договорот за снабдување со природен гас е со српската страна, а како ќе се спроведе технички е нивна работа. Работата на нашата држава е да обезбеди правно-технички услови, соодветни прописи“, рече Бектеши.
Според министерот, сега не зборуваме за количината и обезбедувањето суровини, туку за цената, за тоа колку ќе ги чини македонските граѓани снабдувањето со природен гас.
„Преговорите се во тек и се при крај. Дадовме понуда, стручните тимови работат на изнаоѓање решение за да се сретнеме со Србија за струја, а тие за природен гас“, рече Бектеши.
За забелешките на дел од експертите дека „Газпром“ не дозволува препродажба на гасот купен од таа компанија, Бектеши рече дека тој не треба да го чита договорот меѓу Србија и „Газпром“.