Доколку се вратат во земјава, АХВ ќе ги уништи небезбедните пиперки кои беа увезени во Хрватска

од Nikola Popovski

Агенцијата за храна и ветеринарство вчера, преку апликацијата „RASFF Window“ од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската унија (RASFF) добила известување за небезбедни свежи пиперки, извесени од нашата земја наменети за пазарот во Хрватска.

Во соопштението се наведува дека при спроведена гранична контрола, земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето.

-Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјава, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата, се истакнува во соопштението од АХВ.

Регионалните медиуми вчера информираа дека во пиперките од Македонија откриени се остатоци од пестицидот форметанат. Хрватска веднаш го забранила увозот на спорните пиперки.

Форметанат е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји се уште го користат, но во Европската Унија е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.

Слични содржини