Три лица во болница: МВР со детали за страшната сообраќајка во Влае

од Nikola Popovski

МВР излезе со официјални информации за тешката сообраќајка несреќа која утринава се случила во скопската населба Влае, во близина на бензиската пумпа „Макпетрол“. Настанот бил пријавен во полиција во 2 часот и 25 минути после полноќ.

-Во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од бул.„Партизански одреди“ и ул.„Ангел Динев“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „шевролет“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.С.(32) од Скопје и патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.А.(27) од с.Сарај, скопско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Возачот Б.А. се здобил со телесни повреди констатирани во Градска општа болница „8 Септември“, додека неговиот сопатник И.А.(32) од с. Љубин, скопско, исто така, се здобил со телесни повреди констатирани во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Скопје, стои во соопштението од МВР.

Како што претходно објави „Локално“, едниот од автомобилите бил преполовен од силината на ударот, при што еден дел завршил на околниот тревник. Делот на булеварот „Партизански одреди“ е затворен за сообраќај, при што се пренасочува пред училиштето „Димо Хаџи Димов“, па на улицата „Адолф Циборовски“.

Слични содржини