Докторка ја реши дилемата: Како да препознаете дали имате корона или грип?

од Nikola Popovski
556 прегледи

Предвидувањата на експертите се остварија бидејќи по новогодишните празници веќе имаме зголемување на бројот на новозаразени. Редиците пред ковид-амбулантите стануваат се поголеми, а дополнителен проблем е појавата на омикрон, нов сој на коронавирусот, за кој експертите велат дека е далеку позаразен од претходните соеви. Експлозијата на овој сој е насекаде во светот, а на пример, само во Америка за еден ден биле заразени над милион луѓе.

За проблемот да биде уште поголем, моментално е сезоната на грип и настинки. Луѓето кои имаат барем некои симптоми на почетокот не се сигурни дали се заразиле со корона, грип или само настинка. Лекарите предупредуваат дека бидејќи Ковид-19 е поагресивен од грипот, на луѓето секогаш им се советува прво да направат тест за корона.

Д-р Радмила Шехиќ, специјалист по општа медицина при Институтот за итна медицинска помош во Белград вели дека на прв поглед е многу тешко да се направи разлика помеѓу симптомите на грип и корона, а сега и омикрон.

– Засега знаеме дека омикрон е многу поблаг од првиот сојна коронавирус што не нападна, а во тоа време беше целосно непознат. Омикрон е инвазивен, лесно се пренесува и позаразен, но не е толку смртоносен, вели д-р Шехиќ и додава:

– Вирусот на грип со текот на времето мутираше, но благодарение на вакцините остана сезонско заболување, па се сведе на прилично благи форми. Разликата меѓу него и короната е во тоа што симптомите на Ковид-19 се поизразени, истакнува докторката.

Според неа, коронавирусот не само што го напаѓа респираторниот систем (горните дишни патишта, фаринксот и белите дробови), туку предизвикува и системски заболувања и ги напаѓа виталните органи и ткива (црн дроб, бубрези, срцевиот мускул…).

– Грипот и Ковид-19 се разликуваат по интензитетот на проблемот. Преголем замор, малаксаност, треска, главоболка, вртоглавица, болки во мускулите се поизразени во случај на инфекција со Ковид. Пневмонијата се јавува побрзо. Третманот е речиси ист, само што терапијата се проширува и на нападнатите други органи, изјави д-р Шехиќ.

Исто така, лекарите наведуваат дека грипот има сезонски карактер и дека најчесто се јавува во зимските месеци, додека инфекциите со коронавирус се покажало дека се присутни во текот на целата година.

Грипот има краток период на инкубација, обично од 24 до 48 часа, а короната има период на инкубација од вообичаено пет до седум дена, иако може да се појави и за 14 дена, а во некои случаи и подолго.

Лекарите предупредуваат дека и грипот и короната имаат треска, кашлица, малаксаност, болки во мускулите, главоболка, болки во грлото, затнат нос, но дека главните разлики се отежнато дишење и губење на чувството за мирис и вкус.

Слични содржини