Вардар и натаму е единствениот тим во Лигата на шампионите. Европскиот првак против Рајн Некар демонстрираше цврста одбрана, токму добро подготвената дефанзива беше клучна за победата број седум во елитното натпреварување.

„Добро се подготвивме“, Раул Гонзалез по мечот со Рајн Некар повторно беше скромен. Ние би рекле Доктор Раул повторно имаше победнички лек за противниците во Лигата на шампионите. Шпанскиот стратег, кој ја одработува последната сезона на клупата на „црвено-црните“ и овој пат подготви неверојатно одлична и моќна одбрана.
Ги „стегна“ Германците, не им дозволи да се разиграат, неговите ракометари делуваа како швајцарски часовник. Секој точно знаеше што треба да стори на теренот. На крајот резултатот беше само потврда за тоа, Рајн Некар даде 13 голови во првото и исто толку погодоци во второто полувреме.
Покрај одличната дефанзива, тука беше дрскоста во нападот. Вардарци безмислисно ја полнеа мрежата на противникот. Предводени од маестралниот Вуко Борозан (7 гола), кој беше прогласен за играч на мечот, како и Иван Чупиќ (6 погодоци) и Арпад Штербик, кој во второто полувреме имаше неколку клучни одбрани, останаа на врвот на табелата во групата А.
Признанието за одличната игра на „црвено-црните“ дојде и по мечот, од таборот на Рајн Некар не криеја дека ги пробале сите можни варијатни за да го сопрат налетот на Гонзлез и неговите избраници, но сите до една „паднаа во вода“.
И кога на сето ова ќе се додадат полните трибини и „пеколната“ атомосфера во СЦ „Јане Сандански“, во тој случај на секој противник што ќе дојде во Скопје ќе му биде потребно повеќе од добра игра за да го урне европскиот првак.
По дербито од осмото коло, кое денеска ќе биде комплетирано, македонскиот тим и натаму ќе ја има најдобрата одбрана во Европа./SportMedia